Ангелов: Силите се при крај, странската помош е намалена, а граѓаните и натаму предизвикуваат пожари, намерно или ненамерно!

„Од вкупно 40 пожари регистрирани во текот на вчерашниот ден, изгаснати се 25 пожари, а шест се ставени под контрола. Девет пожари се се уште активни денес, од кои најголем е пожарот на територија на Општина Македонски Брод.“ – нагласува во својата видео-изјава директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.

„Алармантен е бројот на пожари, кои секој ден ја зафаќаат територијата на Македонија. Вчера имавме дури 40 пожари на отворен простор. Некои од нив помали, некои малку поголеми, а имаме и едно чудовиште од пожар. Можат и најмалите пожари за миг да се претворат во големи шумски пожари и да загрозат некое населено место, или да загрозат живот на луѓе неколку километри понатаму. Затоа апелирам до сите граѓани да бидат исклучително внимателни, за да не предизвикаат пожар на отворено.“ – порача Ангелов, предупредувајќи дека ресурсите се трошат, а пожарникарите се на крајот на силите.

Најтешкиот пожар, со кој се соочуваат веќе 20 дена, е пожарот што беснее на територијата на Општина Македонски Брод. Овој пожар, што помина преку селото Тажево, ги изгоре куќите од ова село. Потоа свртел околу селото Брезница, а во текот на вчерашниот ден се симнал на територијата на ловиштето Јасен. „Врз овој пожар повторно денеска дејствуваме со многу ресурси, вклучително и со еден унгарски хеликоптер. Таму се и 40 припадници на унгарската противпожарна бригада со специјални возила кои веќе изработија противпожарен појас со кој е обезбедена викенд населбата на брегот на езерото Козјак. Имаме локални пожарникари, но и 26 припадници на македонската полиција.“ – вели Ангелов.

„Скопските пожарникари имаат многу работа, гасат секојдневно голем број на пожари. Само на територијата на Општина Студеничани вчера имаше четири пожари. На територијата на Гази Баба вчера имаше четири пожари. Еден пожар на територијата на Општина Арачиново, и еден на Општина Чучер Сандево. Затоа апелирам до граѓаните да бидат внимателни. Ресурсите се трошат, пожарникарите се на крајот на сите сили. Што ќе биде, ако продолжат граѓаните со ова темпо да палат пожари, намерно или ненамерно?! Нашите сили се при крај. Помошта од странство е намалена!“ – предупреди Стојанче Ангелов Од Центарот за управување со кризи.

„Во текот на вчерашниот ден изгаснати се и пожари кај Прилеп, Дојран, Богданци, кај Гостивар два, во Берово, Брвеница, Радовиш, Дебар, Куманово, Крива Паланка, во Струга три пожари и уште еден кај Делчево. Бројот на пожари е алармантен. Во овој момент на територијата на државата дејствуваат еден хеликоптер од Унгарија, два ер-трактори од Германија, како и два ер-трактора од Кипар, кои пристигнаа во текот на вчерашниот ден. Рано наутро си замина српскиот хеликоптер, кој ни беше од голема помош. Но, поради зголемениот број на пожари на отворено, тој мораше да се врати во Србија. На самото место го имаме и тимот од 46 лица од Унгарија, кој целосно е насочен на големиот пожар кај Македонски Брод, односно над езерото Козјак, којшто влезе во Јасен. Апелирам граѓаните да пријават на бројот 122 кое било сомнително однесување, особено ако се сведоци за лице, кое подметнало, или ненамерно предизвикало пожар на отворено.“ – нагласува Ангелов во видео-изјавата.