Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Игор Ангеловски, за цел на неговите избраници во новата Лига на нации го постави првото место во четвртата група, кое носи фајналфор-турнир со победниците на другите три групи од нивото Д за едно место што води на Европско првенство 2020.



„Наша цел е првото место, ќе играме за да победиме во групата. Ќе одлучува пресметката со Ерменија, но мораме да бидеме максимално мотивирани и подготвени и против Лихтенштајн и Гибралтар. Ќе се сконцентрираме на анализа на противниците, но треба на сите да ни е јасно дека најважни сме ние, ние мораме да бидеме во нашето најдобро издание. Се надевам дека ќе бидеме здрави и целосно ќе се фокусираме на натпреварувањето. Верувам во квалитетот и во карактерот на нашите фудбалери, бидејќи покажаа дека можеме да се надигруваме и со далеку поквалитетни репрезентации. За успех е потребна поддршка од сите, оваа Македонија тоа го заслужува“, изјави селекторот Игор Ангеловски, кој со директорот на репрезентацијата Саша Ќириќ присуствуваа на извлекувањето на групите во Лозана.

Македонија има целосно израмнет биланс со Ерменија и многу подобар против Лихтенштајн, а со Гибралтар нема играно досега. Во меѓусебните дуели со Ерменците скорот е по две победи, нерешени и порази, а гол-разликата 11:11. Против Лихтенштајн, пак, „црвено-жолтите“ имаат одиграно седум средби и забележано шест победи и едно реми, со гол-разлика 27:4.