Околу 800 затвореници, кои издржуваат казна до шест месеци очекуваат од Кривичниот суд да добијат потпис за помилување и во наредните пет дена да излезат од затвор.
Над 3.000 други чекаат казната да им биде намалена за 30 отсто согласно Законот за амнестија кој стапи во сила на крајот на минатата недела.
Од петокот, до затворските управи пристигнале стотина барања по кои треба да се изјаснат судиите, но рокот за одлучување не треба да биде подолг од пет дена.
„Како што судовите ќе изготвуваат решенија, така тие треба да се достават до затворите, да се потпишат и да се вратат назад. Значи, брзината на излегување зависи од судот. До понеделник се ќе биде доставено до судовите во целата Република“, информираа медиумите.
По стапувањето во сила на Законот, за кој 58 пратеници гласа „за”, еден беше „воздржан” и ниту еден „против”, треба да бидат ослободени од издржување казна затвор околу 800 правосилно осудени лица на затвор до шест месеци.
На други 3.097 лица затворската казна ќе им биде намалена за една третина, попрецизно за 30 отсто.
Законот не предвидува амнестија за лица правосилно осудени на казна доживотен затвор, како и за сторители на кривично дело убиство, кривични дела против избори и гласање, кривични дела против половата слобода и половиот морал како и за кривични дела против човечноста и меѓународното право.





