Американската разузнавачка агенција го објави својот годишен извештај во кој ги посочува заканите кои се очекува да влијаат на глобалната стабилност, со посебно внимание на Западен Балкан.



Извештајот предвидува дека до 2024 година регионот би можел да биде место на локализирано меѓуетничко насилство, пренесува порталот Telegrafi

Како што се истакнува во документот, националистичките лидери во регионот можат да ги влошат тензиите за да добијат политичка предност и да манипулираат со влијанието на надворешните актери.

Според објавените податоци, оваа манипулација ќе има за цел да ги зајакне и да ги искористи етничките разлики од различни причини, вклучително и зголемување на регионалното влијание или попречување на понатамошната интеграција на Балканот во Европската унија и евроатлантските структури.

Извештајот ги споменува неодамнешните настани во регионот, како што се настаните во Бањска каде беше убиен полицаецот Африм Буњаку и тензиите од мај 2023 година, каде што во судирите меѓу КФОР и српските демонстранти на северот на Косово беа повредени десетици мировни војници.

„Судирите меѓу српските националисти и косовските власти предизвикаа загуби на животи и повреди, вклучително и повреди на мировниците на НАТО во 2023 година“, се додава во извештајот.

Извештајот, исто така, изразува загриженост за деструктивните дејства на српскиот лидер во Босна и Херцеговина, кој беше обвинет за преземање провокативни чекори насочени кон неутрализирање на меѓународниот надзор во Босна и обезбедување на, де факто, одвојување на Република Српска.

Овие акции може да ги поттикнат водачите на босанското (муслиманско) население да ги зајакнат своите одбранбени капацитети, ризикувајќи да избувнат насилни конфликти кои можат да го оспорат присуството и напорите на мировните сили.