Американски санкции за Нафтената индустрија на Србија

Нафтената индустрија на Србија (НИС) се најде на листата на санкции што вчера (10 јануари) ја објави Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави.



Компанијата е санкционирана поради поврзаноста со руски „Гаспром нефт“.

Имено, руската државна компанија „Гаспром нефт“ и нејзината матична компанија „Гаспром“ од 2008 година имаат мнозински удел во сопственичката структура на НИС од 56,15 отсто, додека 29,87 отсто се во сопственост на Србија.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека од Србија се бара целосно излегување на руските инвестиции од НИС.

„Тие (САД) бараат целосно излегување на рускиот капитал, а не намалување. Нема да дозволат никаква трансакција. На тие санкции ќе им се придружи и Велика Британија“, најави тој.

Вучиќ соопшти дека Србија има рок од 45 дена за сите операции, а завршува на 25 февруари.

„Дотогаш не само што треба да го завршиме потпишувањето на каков било договор со руската страна, туку треба и да завршиме, секоја трансакција може да биде продолжена до 12 март, но и тие треба да ја одобрат таа трансакција во рамките на Владата на САД.

Тие дури можат да кажат дека тие пари што сме можеле да ги префрлиме, можеби нема ни да го дозволат тоа, затоа имаме разговори пред нас, бидејќи Србија не е земја што сака да краде и да одзема имот“, рече Вучиќ како што пренесува Б92.

Српскиот претседател кажа и дека од претстојната американска администрација ќе бара уште еднаш да ја разгледа оваа одлука.

„ Ќе видиме дали можеме да добиеме некои олеснувања околу одлуката која веќе ја донесоа“, рече Вучиќ.

Тој истакна дека Србија не е непријателска земја на Русија и дека не сака никакво непријателско преземање на туѓ имот поради што ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин.

„Граѓани на Србија, не треба да се грижите. Ќе ги заштитиме интересите на Србија по секоја цена. Нема да има никаков недостиг и нема да има никаква економска катастрофа. Ќе победиме и овој пат и Србија во 2025 ќе биде најбрзорастечката економија на Европа“, заклучи тој.