Жена од Тексас е обвинета за обид за убиство и тежок напад откако се обидела да удави 3-годишно девојче по потекло од Палестина во базен, додека извикувала расистички изјави, соопшти полицијата.
Очевидци ѝ кажале на полицијата дека пијаната Елизабет Волф (42) се обидела да го удави малото девојче и се расправала со мајката на детето, јавува Си-Ен-Ен.
Мајката изјавила на полицијата дека Волф ја прашала од каде е и дали двете деца кои си играат во базенот се нејзини.
Мајката на детето носела хиџаб или исламска марама и покриен костим за капење.
Според полицијата, Волф почнала да ја убедува жената дека не е Американка, а потоа го грабнала нејзиниот 6-годишен син.
Откако момчето успеало да се ослободи, Волф ја грабнала тригодишната ќерка и почнала да ја дави.
Мајката на крајот успеала да ја извлече својата ќерка од водата, по што девојчето ја искашлало водата.
„Ние сме американски државјани, по потекло од Палестина и не знам каде би оделе доколку не се чувствувам безбедно со моите деца.
Во мојата земја има војна, а овде се соочуваме со омраза. Ќерка ми е трауматизирана. Секогаш кога ќе ја отворам вратата од станот, таа бега и се крие, се плаши да не дојде пак госпоѓата и да ја удави“, рекла мајката.
Пратеникот од Тексас, Салман Бојани, рече дека е шокиран и ужаснат од расистичкиот и исламофобичен инцидент.
„Нема место за омраза …никаде во нашата земја“, рече тој, заблагодарувајќи се на полицијата за брзото апсење.






