Лидерот на Сојузот на Ромите, Амди Бајрам, одлучил да го смени дресот и од опозиција како дел од коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, да се придружи на парламентарната група на ДУИ.
Тој ќе го прекине бојкотот на работата на Собранието и планира да се придружи на мнозинството на чело со СДСМ, партија која во минатото многу пати ја критикувал, а не беа непознати и неговите и неговите навреди кон личности од оваа партија.
„Има шанси со ДУИ, ќе видиме, во моментов размислуваме и не можам ништо да кажам, да видиме како ќе се развиваат работите. Ако најдеме заеднички јазик ќе може.“ – вели Амди Бајрам, како што пренесува Алсат-М.
Но, координаторот на парламентарната група на ДУИ, Ејуп Алими е дециден дека Бајрам може да работи само како независен пратеник.
„Немаме такви информации. Амди Бајрам не може да биде дел од парламентарната група на ДУИ. Тој може да дејствува како независен пратеник, но не и како наш пратеник“, бил, според Алсат-М, ставот на ДУИ.





