Алтанџиева за албанската академија на науки: Академски башибозук

Како ,,АКАДЕМСКИ БАШИБОЗУК”, го оценува правната експертка Тања Алтанџиева ставот на дел од албанските фактори дека Албанците во Македонија преку здружение на општини треба да добијат паралелна Академија на науките и уметностите.



Алтанџиева која е екс заменик министер за правда и екс член на ДИК смета дека идејата локални власти да финансираат академија на науки на Албанците е неуставно и незаконско однесување

,,Од идеја до реализација, но чија?!
Прво и основно НЕ Е ФЕР.
Башка, што е противуставно и противзаконито.
Едно е партиски членови во било која политичка партија да си иницираат и дебатираат за разни идеи, вакви или онакви. Сосема друго е дали има или нема законски основ, што во суштина тоа би значело и која е целта.

Целта воопшто не е наивна.

Реализацијата на Албанска академија на науки и уметности преку формираното здружение на општинско ниво и финансирање од општински буџети до изнаоѓање законско решение е ништо друго туку институционален атак.
И ова се случува баш сега кога притисокот за Бугари во Устав е најјак”, пишува истакнатата правната експертка.

Алтанџиева во врска со случајот дава неколку препораки за надминување на проблемот:

,,Препораки до:

1. Министерството за правда да си преземе активности во рамките на неговите надлежности, а во врска со примената на Законот за здруженија и фондации

2.Уставниот суд да си постапи по службена должност со донесување времена мерка

3.ЗЕЛС да расправа и донесе препораки до градоначалниците
4.Државниот инспекторат за локална самоуправа да си преземе мерки од негова надлежност.

Алтанџиева својот став го завршува со хаштагот:
#Makedonijaeunitarnadrzava

Таа уште на крајот на Јули предупреди дека албанските политичари кои ја поддржуваат оваа идеја ја прекршуваат заклетвата кон државата Македонија.

,,Сите избрани и именувани функционери на централно и локално ниво дале заклетва и потпишале свечена изјава дека ќе го почитуваат Уставот, законите и прописите како и дека ќе го штитат уставниот поредок на Република Македонија.

Тоа значи дека преземање било каква активност на централно или локално ниво која води кон нарушување на воспоставениот уставен поредок и унитарниот карактер на државата е ништо друго освен јавно декларирана посакувана цел на една етничка заедница со давање насоки на modus operandi како да се изведе оваа операција.

Наводно, формирањето на Албанската академија на науки и уметности најпрво би се формирала како здружение, финансирана од локалните буџети на албанските општини.

Напоменувам дека општините и советите во рамките на нивните надлежности согласно ЗЛС одлучуваат за работи од јавен интерес од локално значење ВО СОГЛАСНОСТ СО ОВОЈ ИЛИ ДРУГ ЗАКОН.

Идејата за формирање паралелна академија по етничка основа НЕ Е ПРАШАЊЕ ОД ЛОКАЛНО ЗНАЧЕЊЕ ниту пак смее да се финансира од локалниот буџет.

Ваквата идеја е спротивна на Уставот и Законот за локална самоуправа не може да биде извор на такво наводно право, ниту пак постои друг закон.

Затоа, сериозно треба да се доработат Законот за политички партии и нивното финансирање, како и Законот за здруженија и фондации.

Не би сакала овој краток текст да го оптеретам со проблемот на поимањето на демократијата vs анархијата, слободата на говор vs јавниот интерес, индивидуализмот vs колективизмот и етницизмот, итн.
Зарем немавме доволно време да се изградиме како народ, како луѓе без оглед на етничката припадност, со единствен фокус за заедничко живеење, со исти цели за развој на општеството, со доволно демократска свест и политичка културa?!”, напиша во Јули Алтанџиева.