„Вреди ќе ја врати позицијата заменик-директор на Агенцијата за разузнавање за кадар-Албанец.“ – соопшти Арбен Таравари од оваа коалиција по бројните реакции, поради именувањето на Габриела Јаковлева како директор и Ивана Стојановска како заменик-директор на Агенцијата за разузнавање. Ова го објави ТВ Алсат во својата информација со наслов „Вреди ќе го врати заменик-директорот на тајната служба“.
ТВ Алсат натаму пишува: Сега од Вреди велат дека ќе ја имаат функцијата заменик-директор кој ќе биде Албанец, откако ќе бидат споени Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност. „Коалицијата Вреди има заменик-директор во Агенцијата за национална безбедност, која, според програмата на Владата, се очекува да се спои со Агенцијата за разузнавање. По оваа реформа предлогот на коалицијата Вреди за заменик-директор во Агенцијата за национална безбедност, исто така, ќе биде заменик во интегрираната разузнавачка служба.“ – велат од Вреди.
Од ВРЕДИ посочуваат дека ДУИ во 2013 година ја укина функцијата заменик-директор на Агенцијата и никогаш повеќе не ја презеде, иако таа функција беше вратена во 2021 година. Од ВРЕДИ укажуваат дека ДУИ „пролеа крокодилски солзи денес, додека во 2019 година Османи и Груби побараа да се преиспита одлуката за именување на Еролд Муслиу како директор на Агенцијата за разузнавање“.
„ДУИ преку Бујар Османи и Артан Груби во 2019 година побара од тогашниот претседател Стево Пендаровски да ја преиспита одлуката за именување на Еролд Муслиу како директор на Агенцијата за разузнавање. Затоа овој крик на ДУИ не е за застапеноста на Албанците во институциите, туку затоа што Груби, Бујар, Крешник и нивната компанија ги загубија своите привилегии.“ – нагласија од Вреди.
ДУИ го критикува изборот на македонски кадри на позициите директор и заменик-директор на Агенцијата за разузнавање. Од друга страна, ДУИ се спротивстави на назначувањето на Еролд Муслиу во оваа институција од страна на поранешниот претседател Стево Пендаровски, иако тој беше Албанец.





