Ракометарите на Алкалоид го декласираа Вест Виена со 38:27 и, практично, обезбедија пласман во осминафиналето на Европскиот куп со оглед на тоа дека и реваншот со австрискиот претставник ќе се одигра во салата „Автокоманда“ утревечер од 19 часот.
Македонскиот вицешампион и освојувач на Купот на Македонија го доби првото полувреме со 20:14, а во второто речиси ја удвои разликата, за што се погрижија десното крило Александар Петковски со своите 10 гола од 12 обиди, десниот бек Мартин Серафимов со 8/10, левото крило Арно Бинго со 6/7, средниот бек Марко Митев со 6/8 итн.
Голманот Иван Галевски запиша 10 успешни интервенции, а Благојче Крстевски запре 6 од 9 удари кон неговиот гол!






