Ракометарите на Алкалоид го декласираа италијански Бриксен со 44:32 на негов терен во првиот натпревар од осминафиналето на Европскиот куп, па возвратниот дуел во салата „Автокоманда“ во Скопје на 22 февруари од 18 часот ќе биде само формалност во поглед на патникот во четвртфиналето.
Петтата победа во исто толку мечеви сезонава во ова клупско натпреварување на ЕХФ беше најавена со водството на лидерот во македонската Суперлига од 23:18 на полувреме, а доминацијата на составот на Кирил Лазаров ја илустрираат и само седумте нереализирани удари од вкупно 51!
Средниот бек Игор Ѓорѓиев беше најефикасен во победничкиот тим со 7 гола од 8 обиди, пред десното крило Александар Петковски со 6/6 и десниот бек Мартин Серафимов со 6/7.
Голманот Марко Кизиќ запиша 11 успешни интервенции, а Иван Галевски скроти 6 удари со 50 проценти успешност.






