Алкалоид победник на 7. Суперкуп, подобар од шампионот Еурофарм Пелистер

По пехарот во Купот на Македонија пред четири месеца против Еурофарм Пелистер, ракометарите на Алкалоид го освоија и вториот трофеј во тригодишната историја на клубот, триумфирајќи во 7. Суперкуп со 33:30 одново против шампионот во Гевгелија.



Тимот на Кирил Лазаров ја најави победата уште во првото полувреме, кое го доби со 19:14, а кое се покажа клучно за победникот и поради директната дисквалификација и син картон за Филип Кузмановски за ударот со лакот во главата на Валентин Карасманакис во нападот по грубиот старт на противничкиот пикер врз него.

Засилувањето на „фармацевтите“ од Автокоманда на десно крило, репрезентативецот Никола Костески, со 8 гола беше најефикасен на средбата во исполнетата сала „26 јули“, Марко Митев постигна 6, но придонесе за победата и со асистенциите, исто како и голманот Марко Кизиќ со своите 12 одбрани, од кои еден седмерец.

Во редовите на битолчани се издвоија голманот Никола Митревски со 11 успешни интервенции и во нападот Кузмановски со 5 погодоци.

Алкалоид е третиот тим победник на Суперкупот по Вардар со четири титули и Еурофарм Пелистер со две.