Алиу: Треба нов договор меѓу Македонците и Албанците, за да се почитуваат заемно и да ги тргнат настрана национализмот и етничките барања!

„На Македонија ѝ треба сега нов непишан ‘договор’ меѓу Македонците и Албанците, со кој ќе се договорат дека ќе ги остават настрана националистичкиот јазик и политичките барања со етничка содржина во име на подобрата иднина за сите.  Македонците и Албанците мора еднаш засекогаш да го прифатат и да го почитуваат постоењето на другиот, како етнички, културен и историски и политички колективитет. За да се оствари духот на Охридскиот договор, наместо да остане празно парче хартија, што никој не го почитува.“ – вели д-р Мурат Алиу, вонреден професор по политички студии и меѓународни односи на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, во својата блог-анализа со наслов „Национализмот како неизлечива балканска болест“. Таа блог-анализа ја објави „Рес публика“, академскиот блог на Институтот за комуникациски студии од Скопје, а ја пренесе и информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА под наслов „Македонија – заложник на национализмот“.



Покрај другото, натаму Алиу пишува: Од втората половина на 19 век, особено по Берлинскиот конгрес во 1878 година, Македонија ќе се претвори во арена, кадешто се судираат иредентистичките и националистичките интереси и политики на балканските држави, Бугарија, Грција и Србија. Сите три држави, нагласувајќи го нивното историско право, ќе бараат сопственост над територијата на Македонија. Ваквиот нивен пристап кон територијата и народот, кој живее во Македонија, ќе донесе масакри и масовни убиства. Поради овој колонијалистички пристап ќе страда невиниот народ на Македонија, без разлика на етничката и верската припадност. Сигурно најдраматичната последица од овој иредентистички пристап и националистичкиот менталитет на Бугарија, Грција и Србија ќе биде негирањето на македонската нација и идентитет.

Во 1944 година, Македонија беше прогласена како самостојна држава во рамки на југословенската федерација. Но, ова не значеше дека судирите со националистичка опачина завршија. Соседните држави продолжија да го негираат постоењето на македонската нација и државност и по 1994 година. Во меѓувреме на внатрешен план на виделина изби албанскиот проблем. Албанците никогаш не беа признати како рамноправна етничка категорија со другите народи во  југословенската федерација. Исклучувачкиот и дискриминаторскиот пристап кон Албанците во Југославија и во Македонија го имаше својот извор во национализмот на доминантните народи.

Судирите меѓу македонскиот и албанскиот национализам ќе се појават по распадот на Југославија и прогласувањето на македонската независност. По 1991 година Албанците беа незадоволни од нивниот правно-политичи статус, особено од уставот од 1991 година, кој според нив бил дискриминаторски и исклучувачки. Како резултат на тоа тие поставија барања за повеќе политички, културни и економски права, што предизвикува отпор кај македонските политички елити.

Како резултат на силниот антагонизам меѓу македонскиот и албанскиот национализам, кој продолжи во текот на 90-тите, и како резултат на оружениот судир во 2001 година  конечно беше потпишан Охридскиот рамковен договор. Охридскиот договор имаше две суштински цели: остварување на политичките, економските и културните права на Албанците и со тоа обезбедување на лојалноста на Албанците кон македонската држава, како и зачувување на унитарниот карактер на државата и постигнување на помирување меѓу македонскиот и албанскиот народ.

Охридскиот договор донесе мир во земјата, во однос на стабилизирање на меѓуетничките односи. Тој суштински придонесе за остварување на правата на Албанците во Македонија. Но, никогаш не ја постигна својата втора цел: помирување на Македонците и Албанците и создавање интегрирано општество, каде што би биле безначајни етничките разлики. Македонија сè уште е поделена држава од секој аспект и по 23 години по потпишувањето на Охридскиот договор. Македонците и Албанците живеат во две сосема различни стварности. Градовите, населбите, училиштата, универзитетите, општествените простори  се речиси одделени со (фактички и симболични) граници.

Дури и во 2024 година ништо не е сменето

Национализмот и етничките теми и денес доминираат во политичкиот и општествениот говор. Во претставите на македонскиот национализам Албанците сè уште се туѓ елемент, кој го загрозува постоењето на македонската нација и држава. Кај Албанците државата сè уште се доживува како апарат на насилство, кој ги дискриминира. Ова е веројатно голем дел од причината, поради која недостасува посилна лојалност на Албанците кон државата и нејзините симболи. Поделбите меѓу двете етнички групи во земјава се поттикнати од националистичкиот говор на политиката. Националистичкиот јазик силно се враќа на политичката сцена во земјата.

Кај гласачите на ВМРО-ДПМНЕ и другите националистички кругови постои националистичко чувство на триумфализам, што е олицетворено во изразот „вратете ја државата на нејзиниот вистински сопственик“. Повторното отворање некои етнички прашања, како што се поставувањето на албанското знаме во канцелариите на албанските функционери, одбивањето да се применува двојазичноста во институциите, предводени од функционери на ВМРО-ДПМНЕ и другите коалициони партнери, неодамнешната иницијатива пред Уставниот суд за оценување на уставноста на Законот за јазиците, се само некои показатели, кои предупредуваат дека етничките прашања ќе бидат во центарот на политичкиот говор и за време на мандатот на сегашната Влада.

Не недостига националистички јазик и кај различни албански политички актери. Се шпекулира дека ДУИ подготвува документ, во кој се предвидува некаква федерализација на Македонија, што разбирливо наидува на негодување од страна на граѓаните на државата. Овие иницијативи се популистички чин за ефтини политички поени.

Затоа на Македонија ѝ треба сега нов ‘договор’ меѓу Македонците и Албанците, со кој  овие две заедници ќе се договорат дека ќе ги остават настрана националистичкиот јазик и политичките барања со етничка содржина, во име на подобрата иднина за сите:во име на економскиот развој, на општествената благосостојба, на подигнувањето на нивото на образование, на здравството…