Косовскиот премиер Албин Курти денеска ќе престојува во работна посета на Македонија.



Посетата била договорена на 20 јули.

Од македонската Влада соопштија дека од 10:00 до 10:30 часот предвидена е тет-а-тет средба помеѓу премиерите Мицкоски и Курти.

-Воедно, во 11:00 часот ќе се одржи билатерална средба каде што покрај премиерите ќе присуствуваат и владини делегации од двете страни.

Потоа, предвидена е заедничка прес конференција на премиерите Мицкоски и Курти во Медија центарот на Владата, стои во соопштението од Владата.

Портпаролот на косовската Влада, Перпарим Криезиу за косовските медиуми изјавил дека Курти во Скопје ќе има билатерална средба со премиерот, Христијан Мицкоски, со кого ќе разговараат за билатералните односи, регионалната соработка и инфраструктурните проекти од интерес на Приштина и Скопје.

Во делегацијата со косовскиот премиер доаѓа и министерката за надворешни Доника Гeрвала преку која Косово завчера испрати протестна нота до Македонија поради инцидентот што се случи на скопскиот аеродром со претседателката на Косово, Вјоса Османи.

МНР веќе соопшти дека институциите работат на случајот и наскоро ќе има разрешница.