Албанското политичко движење „Илирида“ предложи македонската држава да се преименува во „Балканска Федеративна Република“, која би ја сочинувале две федерални единки – Република Македонија и Република Илирида.
„Со ваквото преименување ќе исчезне внатрешната поларизација и конечно ќе почне посакуваниот економски раст во целата земја, со нормален животен стандард за достоен живот“, објаснува Движењето во соопштението за јавноста.
„Илирида“ е уверена дека овој предлог би го поддржале сите граѓани на Македонија (?!) и од меѓународните фактори што имаат мандат од Обединети нации бара да го решат спорот со името за „еднаш засекогаш да се стабилизира Балканот од хегемонистичките аспирации“.
Движењето на Албанците во Македонија „Илирида“ е формирано во 2004 година и порано се залагаше за федерализација на Република Македонија, за воведување дводомен парламент и за ротирачко претседателско место во таа федерација, при што на секои две години би се менувале претставници на македонската и на албанската нација.
За слично сценарио зборуваше и српскиот историчар Александар Раковиќ за „Спутник“ пред Нова година во написот што го пренесe и expres.mk, во кој вели дека планот на Западот за Македонија е таа да биде претворена во федерација според моделот на Белгија, која би се викала Централнобалканска Република.
Според вишиот научен соработник во Институт за понова историја на Србија, федерацијата би се состоела од две републики – албанска Илирида на запад и македонска Република Македонија на исток, а престолнината Скопје би била посебен, мешовит дистрикт!
Со реализацијата на овој план, кој циркулирал последниве неколку години, би се отстранило грчкото вето за прием на Македонија во НАТО, а подоцна и во Европска унија, објаснува тој.




