„Балфин груп“, во сопственост на албанскиот милијардер Самир Мане, објави инвестиција од 180 милиони евра во македонскиот главен град преку својата новоформирана компанија во Македонија, „Скопје Ист Гејт“.
На земјиште од 155.000 метри квадратни, лоцирано на 1,5 километри од центарот на Скопје, на пресекот меѓу улиците „Александар Велики“ и „Беласица“, ќе се изградат објекти со вкупна корисна површина од 250.000 м2, соопшти компанијата. Прво ќе се изгради трговски центар на површина од 45.000 м2, а во период од 5-7 години и станови и деловен простор. Трговскиот центар ќе биде на две нивоа и ќе има околу 2.500 места за паркирање под земја, а новата резиденцијална област ќе опфаќа 100.000 м2 станбена површина и ќе се гради во следните пет години.
„Балфин груп“ успешно го разви трговскиот центар „Скопје Сити мол“, проект вреден 68 милиони евра, кој минатата година беше продаден на странски инвеститор. Компанијата е еден од најголемите приватни инвеститори во регионот, чие портфолио вклучува инвестиции во трговски центри, во станбени објекти и во деловни простори, како и во голем број малопродажни ланци, како „Нептун“, „Џамбо“ и слично.
Самир Мане, роден пред 49 години во Корча, е првиот албански милијардер, со проценето богатство на 1,2 милијарди долари. Неговата „Балфин груп“ е најголемиот приватен инвеститор во Албанија и во Југоисточна Европа, составена е од 18 фирми-ќерки во седум земји од регионот, кои вработуваат повеќе од 3.000 луѓе.





