Албански медиуми: Македонскиот национализам расте! – Димитриевски следеше претставување книга, за која „УЧК е терористичка“!

„Лидерот на партијата Знам Максим Димитриевски и потпретседателката на Собранието Весна Бендевска од истата партија учествуваа на претставувањето на противречната книга ‘УЧК – терористичка паравоена армија во Македонија’ од авторот Иван Бабановски. Во книгата авторот го искажува својот гнев против УЧК и нејзините поранешни команданти. Лидерот на ЗНАМ Димитриевски, кој е дел од сегашната Влада со ВМРО ДПМНЕ и коалицијата Вреди, го следеше со внимание искривувањето на вистините за судирот во 2001 година.“ – објави ТВ Алсат во својата вест со наслов „Димитриевски учествуваше во претставување книга протв УЧК“.



Во веста ТВ Алсат дополнува: Дури авторот на книгата го опиша овој период како агресија на Албанците против народот и државата. Професорот Владимир Пивоваров рече дека во 2001 година бил вршен обид за етничко чистење на Македонците и оти тоа било постигнато во некои области.

Во врска со истиот дневен настан во својата информација со наслов „Македонскиот национализам во пораст – политичките лидери се вклучуваат во етнички полемики“ информативниот портал на албански јазик „Инфошќип“ пишува: Македонскиот национализам се засилува од ден на ден и чувствителните етнички теми, кои до неодамна беа избегнувани поради напнатоста, сега станаа јавна арена за прикажување „патриотизам“. Во оваа заострена клима политичарите често се појавуваат како попатриотски, користејќи обвинувања и напади против Албанците.

Оваа тенденција во последно време ја зајакнаа и високите политички личности, особено Максим Димитриевски, лидерот на ЗНАМ, една од партиите во владината коалиција. Тој ги вжешти полемиките по учеството во претставувањето на книгата насочена против УЧК, прикажувајќи ја како терористичка организација. Оваа активност предизвика силни реакции, продлабочувајќи ги натаму етничките поделби во земјата.

Експертите предупредуваат дека таквиот говор може да им нанесе штета на меѓуетничките односи и политичката стабилност на * Македонија, зголемувајќи ја напнатоста меѓу заедниците.