„Ова е првпат ДУИ да прави толку голем политички фронт, не поради страв од албанската опозиција, туку за да се соочи со македонската опозиција, која бара владеење без Албанците. Албанците треба да го кренат гласот, ако имаат проблеми со образованието на албански јазик во Чашка, во Велес, но тие имаат проблеми и во други населени места. “ – изјави Скендер Реџепи-Зејд, претседател на албанската партија Движење на народот, која потпиша договор за влегување во така наречениот „Европски фронт“ на Али Ахмети и ДУИ. Со своите „тврди“ ставови дека „големиот политички Европски фронт е создаден да води битка не со албанската, туку со македонската опозиција, бидејќи тие бараат владеење без Албанците“ и оти „Албанците треба да го кренат гласот поради проблемите, што ги имаат онаму каде што живеат“ Скендер Реџепи-Зејд потврдува дека така наречениот „Европски фронт“ на Али Ахмети и ДУИ ќе најмалку има „европска димензија“ во своето политичко дејствување. Скендер Реџепи-Зејд потврдува дека така наречениот „Европски фронт“ ќе има доминантно „албанска етничка димензија“ во „битката против македонската опозиција и Македонците, кои сакаат да владеат без Албанците“.
Во ваков контекст беше и изјавата на генералниот секретар на ДУИ Фатон Ахмети вечерта на 25 март годинава на средбата со партиските активисти на ДУИ во изборниот штаб во Гостивар кога посочи дека неговата партија, која е предводник на „Европскиот фронт“, „води битка со македонските партии, а не со албанската опозиција“.
Како што објави информативниот портал на албански јазик „Топ 24“, тогаш Фатон Ахмети нагласи: „Потребно е мобилизирање за да се ангажира секој активист, да оди и од куќа до куќа, со цел ДУИ да освои колку е можно повеќе пратенички мандати во оваа битка за голема победа на ДУИ, која се води со македонските партии.“ – нагласи
ДУИ и другите албански партии потпишаа, всушност, договор за етничка мобилизација на Албанците во „битката“, која ќе поаѓа од албанската етничка кауза, што ќе има лажна европска фасада и само божемна европска цел. Целта е многу повеќе да се „докаже“ дека „без Албанците оваа држава нема ниту иднина ниту може да постои!“, како што извика френетично и на сиот глас Ахмети на партискиот собир во Куманово на 3 март годинава, претставувајќи го Талат Џафери како „прв албански премиер на Р*М“.
Во таа пригода во Куманово Ахмети истапи во улога не само како лидер на ДУИ, туку веќе и како своевиден „албански идеолог“ на „Европскиот фронт“. Во речта, со видео и звук објавена на јутуб-каналот на ТВ Клан Македонија, покрај другото, Ахмети изнесе: „Треба и Албанците да преземат одговорност да раководат со оваа држава. Бидејќи, без Албанците оваа држава нема ниту иднина ниту може да постои и тоа го знае сиот свет! Оваа држава ќе биде рамноправна со сите држави во Европа.“
Откако на 19 март годинава на прес-конференција Али Ахмети ја официјализираше коалицијатана Така наречениот „Европски фронт“ со партијата Движење на народот и со нејзиниот претседател Скендер Реџепи-Зејд, тогаш тој упати и „повик за обединување на Албанците во * Македонија“. Во веста од оваа прес-конференција информативниот портал на албански портал „Тетова сот“ ги пренесе и следниве зборови на лидерот на ДУИ Ахмети: „Секогаш заедно со сите оние, со кои го почнувавме албанскиот ураган во 1991 година, со студентското движење, секогаш сонувавме како да бидат Албанците обединети во еден фронт.“





