Албанија преку Балуку ја повика Македонија „да ги заврши домашните работи“ и „да го изгради преостанатиот дел на Коридорот 8 кај себе“

„Албанија преку својата министерка за инфраструктура и енергетика Белинда Балуку упати повик до Македонија: Треба да одговорите, завршете ги домашните работи и изградете го Коридорот 8!“ Балуку ова го изјави во интервјуто за ТВ21 пред тунелот Муриз, кој се очекува да биде отворен утре, на 14 март 2025 година.

Телевизијата натаму истакнува: Зборувајќи за важноста на овој тунел, кој е дел од автопатот што ќе ја поврзува Тирана со Дебар, Балуку најави дека тој е дел и од Коридорот 8, европска инфраструктурна врска, што се очекува со автопат да ги поврзе Албанија и * Македонија. „Веќе не станува збор за национални патишта, туку за патишта од европските коридори. Сега го започнавме Коридорот 8, кој ги поврзува Албанија, Италија, * Македонија и Бугарија.“ – посочи Балуку.

Затоа таа ја повика Македонија да одговори, „да ги исполни своите обврски и да го изгради преостанатиот дел од Коридорот 8 на својата територија“. Запрашана дали зборува за коридорот што беше пуштен многу подоцна во Албанија, Балуку одговори: „Но, помина побрзо! Во сите случаи. Како и во случајот со патот Арбер, така и во случајот со Коридорот 8 * Македонија мора да одговори колку е можно побргу, бидејќи и тие, како и Албанија, имаат стремеж да станат членка на Европската унија. За да станеш членка на Европската унија, треба да ја завршиш домашната задача, а една од нив е поврзувањето на патниот транспорт.“