Унијата на европски фудбалски асоцијации (УЕФА) ѝ изрече уште една парична казна на Албанија, овојпат од 86.500 евра, за инцидентите предизвикани од нејзините навивачи за време на натпреварот со Шпанија од последното коло по групи на Европското првенство во Германија.
Најголем дел од таа сума, 45.000 евра, се однесува на фрлени предмети, 25.000 за емитување несоодветни пораки за спортски настан, 8.500 за палење факели и 8.000 за инвазија на теренот.
Со ова, Албанија е најказнуваниот учесник на ЕП 2024 со вкупна глоба од 171.375 евра за инцидентите на сите три меча, меѓу кои и тие со Хрватска, и со Италија.






