На седница на грчкиот парламент неделава, министерот за надворешни Никос Коѕијас побарал Албанија да ги „прочисти“ учебниците од „прашањето за Чамите“.
Грчката страна јасно им ставила до знаење на албанските претставници во заедничката експертска комисија дека термините „албански територии во Грција“ и поимот „Чемерија“ се дел од грчката територија и затоа треба да бидат избришани од учебниците по историја и географија.
Во Албанија со името Чемерија се нарекува територијата на која живееле етнички Албанци и која на Конференцијата во Лондон во 1913 година ѝ припаднала на Грција.
Во 1945 година од оваа територија биле протерани повеќе од 35.000 етнички Албанци, а неколку илјади биле убиени, под обвинение за „соработка со окупаторските германски и италијански власти“, пишува весникот „Илинден“ од Тирана.
„Грчката географска област, која во учебниците се именува како „Чемерија“, за жал, покажува дека албанската држава е блокирана во националистичка реторика. Тоа и штети во прв ред на самата Албанија“, изјави Коѕијас, како што пренесуваат албански медиуми.
Околу оваа тема реагирал и шефот на албанската дипломатија, Дитмир Бушати, кој потврди дека била формирана заедничка работна група за „оценување на учебниците по историја во двете земји“.
Претходно, грчкиот претседател Прокопис Павлопулос ѝ се закани на Албанија дека доколку сака во ЕУ треба „да ја затвори устата за некакво непостоечко прашање за Чамите“.





