Македонија полека ја губи клучната гранка – сточарството. Бројот на говеда, овци, свињи и живина што се одгледуваат во дома со години постојано паѓа, а тоа е проследено и со намалување на бројот на фармите. Високите трошоци, конкуренцијата од увезените производи и ниските откупни цени се дел од предизвиците на македонските сточари. Дополнителен проблем е иселувањето на младите од државата, но и миграцијата село – град, што доведува до немање работна сила за извршување на обврските со добитокот.

Последно во низата е јагнешкото месо. Од 80 до 100 евра ќе треба да потрошат граѓаните доколку сакаат да си купат јагне за велигденските празници. Сточарите во земјава велат изминативе години има заинтересираност, но јагнето не се купува како порано. Резултат за тоа се и повисоките цени. Годинава јагнето се продава по цена од околу 230 денари за килограм жива мера, додека пред некоја година, цената се движеше од 150 до 170 денари.
Извозот, во пресрет на католичкиот велигден, и оваа како и претходните години, е главно на италијанскиот пазар. Сточарите, велат ќе остане и по некое јагне за православниот Велигден, но цената сега и тогаш нема да биде иста.

Јагнешко месо има и по месарите. Цената во моментов се движи од 600 до 650 денари за килограм, но месарите велат секоја година пред велигденските празници традиционално цената на јагнешкото месо расте, па така и годинава очекуваат килограм да достигне и 700 до 800 денари.
Граѓаните кои ги анкетиравме велат не само јагнешкото туку секое месо е скапо, но еднаш во годината можеби и ќе може да си дозволат по некое кило јагнешко.

Состојбата со сегашните фарми не е најповолна. Најголем број се импровизирани или адаптирани објекти, блиску до семејните куќи, со мал капацитет и несоодветни услови за производство на квалитетно млеко. Како што нагласи Љупче Станковски, претседател на здружението на земјоделци „Агрофаланга“, и иселувањето на луѓето, но и цената на млекото влијае на намаленото производство.
– Големото и масовно иселување од руралните средини, особено на младата популација, е една од причините. Едноставно нема кој да одгледува стока и да произведува млеко. Состојбата е таква што младите ја гледаат иднината надвор од руралните средини. Од друга страна, и цената на млекото е ниска, поради што одвај се покриваат трошоците за производство, па луѓето не се мотивирани да одгледуваат стока за производство на млеко – смета Станковски.





