Секој седми Македонец не знае дека има дијабетес, алармираат здруженијата. Проблемите се засилени од недостигот на центри за дијабетес, таблетарна терапија на позитивната листа и специјализирани кабинети. Здравствените власти работат на превентивни програми, но потребни се итни реформи за спречување на компликациите и подобрување на квалитетот на живот.
Здруженијата на лица со дијабетес алармираат дека оваа хронична состојба се шири неконтролирано. Според нив, на 130.000 дијагностицирани, постојат трипати повеќе неоткриени случаи, што значи дека секој седми Македонец не знае дека има дијабетес. Проблемите се влошуваат поради недостигот на центри за дијабетес, особено во руралните подрачја, и недостатокот на таблетарна терапија на позитивната листа.
- Да се превенираат компликациите, да се обрне внимание на примарната заштита, да се направат скрининзи и навреме да бидат дијагностицирани лицата со дијабет, изјави Д-р Танер Хасан, директор на Клиника за ендокринологија.
- Во оваа фаза имаме недостаток на посебни кабиенти за дијабетично стапало, односно, менаџирање на дијабетичното стапало во амбулантски услови, изјави д-р Ирфан Ахмети, потпретседател на научно здружение на ендокринолози.

Здравствените експерти посочуваат на критични пропусти, како недостаток на специјализирани кабинети за дијабетично стапало, кои се клучни за менаџирање на компликациите.
Компликациите од дијабетесот, ако не се третираат навреме, можат да бидат многу сериозни, па дури и фатални. Здруженијата на лица со дијабет бараат сензори за мерење на гликемијата за сите пациенти, како основа за подобар квалитет на живот.
Сепак, дали ќе бидат обезбедени ветените 700 сензори до крајот на годината останува неизвесно. Министерството за здравство и ФЗОМ чекаат усвојување на буџетот за да продолжат со активностите.

И додека возрасните се борат за подобри услови, децата кои користат сензори веќе бележат значајни подобрувања. Деветгодишниот Петар Темелковски, кој има дијабетес тип 1, сведочи за позитивното влијание на сензорите.
„Користам сензор и се чувствувам добро. Само треба да бидам активен за да не ми се зголеми шеќерот. Моите другари го знаат тоа и ми помагаат,“ вели Петар.
Претходната година дијабетичарите ја прогласија за најтешка бидејќи немаа терапија и беа оставени сами на себе да се снаоѓаат.





