Судството е независно, ако судот пресуди дека треба да се вратат парите, ние не можеме да избегаме од тоа, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, во однос на Законот за данок на солидарност, што доколку биде укинат од Уставниот суд би значело враќање на 49 милиони евра од Буџетот.
Мојот став во однос на солидарниот данок, нагласи Димитриеска Кочоска, во моментот кога се воведуваше го знаете и дека бевме против од многу причини, но сега, да ја почекаме одлуката на судот.
- Наша должност, како Министерство за финансии е да ги почитуваме и спроведуваме законите. Ако судот пресуди дека треба да се вратат парите, ние не можеме да избегаме од тоа, ние имаме обврска да ги вратиме. Јас морам да го почитувам законот, изјави Димитриеска Кочоска, одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на настанот „Фискалната политика на крстопат: Патот кон стабилност и одржливи јавни финансии“, во организација на Фискалниот Совет на Република Македонија и Finance Think.
Прашана што би значело тоа за буџетот, со оглед дека 50 милиони не се малку, Димитриеска Кочоска, рече дека ова е „резултатот од нестандардните политики“ и “нестабилност, која што ја правеше претходната влада“.
- Ова се резултатот од нестандардните политики и не знаење што се прави. Во изминатите години за ова зборувавме. Ова е таа нестабилност, која што ја правеше претходната влада играјќи со персоналниот данок, со данокот за солидарност и само имаме проблеми. Затоа и нема инвестиции, изјави Димитриеска Кочоска.
Затоа, нагласи Димитриеска Кочоска, сега и правиме напори да ги охрабриме инвеститорите. – Да им ветиме дека даночната политика е веќе стабилна и предвидлива, рече Димитриеска Кочоска.





