Најновиот вознемирувачки предизвик што се шири на TikTok е наречен „Парацетамол“, па така со пиење големи количини на парацетамол може да предизвика сериозни оштетувања на црниот дроб и лицата да завршат на интензивна нега, предупредуваат лекарите. Младите корисници се предизвикуваат меѓусебно да земаат високи дози на парацетамол, поради што многу млади луѓе во некои европски земји завршуваат во болница. Според министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, доколку се забележи ваква практика кај нас, не се исклучува можноста за законски измени целосно да се забранат ваквите апликации.

Според министерот за здравство, Арбен Таравари, кај нас се уште немало случај кој од овој предизвик завршил на Клиниката за токсикологија, но посочува дека секој претеран лек е токсичен и има несакани ефекти доколку се користи прекумерно.
- „Засега немам добиено никакви информации од клиниката за токсикологија во врска со ова. Мислам дека треба да се прекине и дека секој лек е токсичен и освен што помага има и несакани ефекти. Засега немам информации од клиниката за токсикологија дека имало случаи овие млади луѓе да користат вакви дози на парацетамол”, рече Арбен Таравари – министер за здравство.

Доктор Нико Беќаровски, раскажува за последиците кои можат да настанат од прекумерната употреба на парацетамол.
- „На платформата TikTok кружи многу опасен нов предизвик, со користење на големи дози на парацетамол! Драги пријатели, колку и да звучи чудно, труењето со парацетамол е меѓу најсмртоносните труења со лекови. Дури и мали дози од 10-15 таблети предизвикуваат оштетување на црниот дроб. 20-40 таблети предизвикуваат тешко труење и оштетување на црниот дроб, а труењата со над 50 таблети многу често завршуваат со смрт, дури и со интензивно лекување“, рече Беќаровски.
Само во изминатиов период јавноста сведочеше на неколку тик ток предизвици во кои настрадаа млади луѓе 14-годишното девојче кое за едноминутно видео на тик-ток, пред две години заврши трагично, 17 годишно момче од Волково кое и покрај напорите на лекарите го загуби животот и тоа како последица на тик ток предизвик со качување на цистерна-вагон кога доживеа струен удар.





