„Ако нема слобода, има смрт, но чесна и храбра!“ – ова биле последните, претсмртни зборови на Веле Марков, македонскиот револуционер и крушевски војвода на Македонската револуционерна организација, познат под прекарот „Милтон“, кој е убиен на денешен ден, на 11 јуни 1902 година кај селото Ракитница, меѓу Демир Хисар и Крушево, во целодневната нерамна борба на неговата чета, сочинета само од 15 комити, против околу 500 припадници на турски аскер и башибозук. За да се пофалат со победата и со цел да го заплашат месното македонско население да не се бунтува против турската власт, османлиските војници ги отсекуваат главите на Веле Марков, Тирчо Карев и Георги Кошинчето. Загинувањето на Марков било последица на предавство. Оваа битка била една од неколкуте инциденти во предилинденскиот период во тој регион на Македонија, кои придонеле подоцна да се омасови Илинденското востание.
Веле (Велко) Марков (12.1.1870 – 11.6.1902) е македонски револуционер, социјалист, крушевски војвода на Македонската револуционерна организација, познат под прекарот Милтон. Во 1892 година заминал на печалба во Софија, Бугарија, каде што се зближил со Васил Главинов. Тое двајцата во 1895 година ја основале Македонската социјалистичка група, во која членуваат Никола Петров – Русински, Никола Карев, Димитар Мирасчиев, Андон Шулев, Атанас Раздолов, Стојно Стојнов, Гиго Дандарот, Лазар Главинов, Димо Хаџи Димов и уште некои печалбари и револуционери.
Во 1899 година Веле Марков заминал за Македонија и заедно со Никола Карев ја формираат социјалистичката група во Крушево. Таа година, по враќањето во Македонија, Марков бил еден од основачите на социјалистички кружок во Крушево и со другите социјалисти стапиле во ТМОРО. Во 1900 година и во Битола основал социјалистички кружок. Се населил во Битола, работејќи како столар. Исто така и во овој град основа социјалистички кружок. На 2 јуни 1900 година организира социјалистичка конференција во Крушевско, на која се решава социјалистичките групи да стапат во Македонската револуционерна организација.
Во март 1901 година Веле Марков влегува во четата на Никола Русински, а по заминувањето на Русински за Прилепско, од 29 август истата година е крушевски војвода. Во четата на Русински како подвојводи во своите реони дејствуваат Јордан Пиперката, Веле Марков, Ѓурчин Наумов – Пљакот, Ванчо Србаков, Ѓорѓи Сугарев, Тале Христов и други. Како војвода Марков успеал да ги организира селата од малата Крушевска нахија. Во овој период граѓаните на Крушево се жалат против полицискиот преставник Али ефенди, кој осрамотил малолетно девојче. Но испратената од Битола анкетна комисија, кон која се приклучил и Али ефенди, ја започнала анкетата со претреси и тепање над луѓето кои се жалеле. Многумина се уапсени, а десетина граѓани, меѓу кои и тројца наставници со директорот Петар Иванов стануваат нелегални во четата на Марков.
На 12 јуни 1902 година четата на војводата Веле Марков е предадена кај селото Ракитница, во синорот меѓу Демир Хисар и Крушево. Четата била нападната од војска и башибозук и се водела целодневна борба. Во текот на борбата, согледувајќи дека нема да успеат да го пробијат обрачот, за да не падне во турски раце, четникот Тирчо Карев од Крушево се обидува да се самоубие, така што си го пресекува грлото, но не успева и ги молел своите другари да го убијат.
На помош на војводата Веле Марков притекнува милиција од градот, испратена од Крушевскиот раководител ѓакон Јосиф, како и четата на Демирхисарскиот војвода Јордан Пиперката. Но и тие не успеваат да раскинат обрачот. По целодневна борба четата имало 6 загинати, меѓу кои и војводата Веле Марков. Османлиската војска имала многу повеќе загинати, меѓу кои и крушевскиот насилник Јунус. Само наследникот на Марков како крушевски војвода Ѓурчин Наумов – Пљакот и уште тројца четници успеваат да ја пробијат турската блокада.
На тука не завршил турскиот зулум. Другиот ден во потера, турските војници убиваат шест селани во Ракитница, повредуваат двајца, малтретираат 30 лица, опожаруваат 14 и ограбуваат 14 куќи. За да се пофалат со победата османлиските војници ги отсекуваат главите на Веле Марков, Тирчо Карев и Георги Кошинчето.
Извор: „Македонска нација“





