Академик Ќулафкова: Законот за јазици го разгорува внатремакедонскиот судир

Академик Катица Ќулафкова реагира на навредите од бранителите на Законот за јазици кои зборуваат за: Синдром на самоуништување, отсуство на почит и свест за стекнатите права, великодушни спрема другите – тирани дома, и други дијагнози со кои се навредуваат неколкуте професорки (Гордана Силјановска, Каролина Ристова Астеруд, Симона Груевска Маџовска) кои аргументираат дека ЗУЈ е противуставен.



“Верувам дека странските набљудувачи читаат, посматраат, толкуваат и не можат да се изначудат на патологијата на македонските коментатори и на истите оние кои 2008 бараа да се стави вето на Законот за јазик на 20% кој се движеше (барем) во насока на максимализација на јазичните права на секоја јазична заедница во РМ, а овој ЗУЈ излегува целосно од сферата на јазичните права на малите заедници и агресивно удира/ги оштетува стекнатите права на етничките Македонци и на сите лојални граѓани на РМ, ги пробива уставните начела и Охридскиот рамковен договор, излегува од рамките на ЕУ повелбата за регионални и малцински јазици, го крши вековниот принцип на „заеднички службен/работен јазик на разбирање“ (lingua franca) својствен за мултијазичните империи и општества, ја доведува во прашање меѓуетничката хармонија, воведува владеење на неправичноста и неправдата во РМ”, смета членот на МАНУ.

За неа ЗУЈ ги делегитимира Македонците да имаат право на граѓанска држава со национален белег (јазик, народ, според параметрите на ОН), протежира начело на позитивна дискриминација, иницира репресивна практика во сферата на јазикот и културата, поттикнува законска конфузија и хаос, на голема врата воведува неекономично/недомаќинско работење на институциите на државата, го доведува во прашање постоењето на било која национална установа во РМ.

“Законот го разгорува внатремакедонскиот судир, создава неприфатлива хиерархија на стратешки приоритети (наместо да финансира врвна наука, врвно образование, врвна култура, врвни егзистенцијални стандарди и т.н.), покажува дека вулгарниот политички прагматизам е помоќен од сè друго, ја загрозува слободата на говорот/мислењето, манипулира со демократските процедури…”, вели академик Ќулафкова која е цел на кампањата која што ја водат провладините медиуми и коментатори кон “професорките”.