Абдулменаф Беџети, поранешен потпретседател на Државната пописна комисија, предлага креирање онлајн-апликација за оваа статистичка операција во Македонија што се најавува за 2021 година.
„Ако куќата е затворена и целото семејство е во Германија, тие ќе аплицираат од далечина. Имајќи ја дата–базата со себе, Комисијата потоа ќе оди и ќе потврди дали адресата постои.
Значи, да потврди дали престојот е реален или имагинарен, да не ни излезат како тие престои од Пустец со по 40 лица во еден стан“, изјави членот на Македонска академија на науките и уметностите за телевизијата Алсат-М.
Според него, потребна е „доверба меѓу партнерите во коалицијата“ за да не се повтори уште еден неуспешен попис како тој во 2011 година.
„Политичкиот систем на Македонија базира на бројки, значи правата на втората етничка заедница и на другите се реализираат врз основа на бројки, а бројките резултираат од попис. Значи, ова не е само статистичка операција, туку е и политичка“, смета Беџети, кој беше и министер за урбанизам, градежништво, транспорт и екологија во Владата на Бранко Црвенковски од 1997 до 1998 година.




