„Зијадин Села, кој за да ја уништи опозицијата и ДУИ да остане уште 20 години на власт, беше искористен како ‘тројански коњ’ од Али Ахмети. Села еднаш ја подели ДПА, коалицираше со Движењето БЕСА, коалицираше во Владата со сите партии и на крајот ја подели и Алијансата за Албанците, па заврши кај ‘Али Баба’!“ – со овој остар напад кон Зијадин Села, лидерот на едното од двете крила во Алијансата за Албанците, се огласи Аднан Азизи, организацискиот секретар на централното претседателство на Беса и пратеник во Собранието на Македонија, нарекувајќи го „Тројанскиот коњ“ на Ахмети! Со еднакво остра интонација Азизи се искажува и против Али Ахмети, лидерот на ДУИ, кого директно и отворено низ асоцијација на имињата, го споредува со Али баба, шефот на дружината на 40-те разбојници! Објавата на Азизи ја пренесува весникот на албански јазик „Лајм“.
Во објавата на општествената мрежа Аднан Азизи натаму истакнува: Зијадин Села некогаш ја играше улогата на „патриот“, а понекогаш улогата на жртва, само за да го заштити директниот интерес на Али Ахмети и неговото семејство, но и интересот на неговите тендери и синот на вујко му! Зијадин од лажен патриот, кој своевремено го нарече Ахмети предавник и негов убиец, денес го штити и сака да се врати со Али на власт, со цел и да се презираат, да се убиваат и да бидат затворани Албанците од Македонија.
Тој се стреми да ја омаловажува интелигенцијата на Албанците и да ги брани Али Ахмети, Соравија, српскиот претседател Вучиќ и проектот за Отворениот Балкан. Уште малку, доаѓа време за одговорност!





