Администрацијата излегува на протест

Вработените од шест министерства и Државниот завод за статистика излегуваат на протест. Го бараат додатокот на плата од 30%. Од синдикатот на УПОЗ велат дека остануваат на ставот за зголемување на платите на административците за 30%. Првиот човек на УПОЗ вели дека нивните плати се прениски, и затоа бараат нивно зголемување. Од синдикатот на УПОЗ посочуваат дека нема никаква правна пречка за потпишување на колективни договори, со кои би се зголемила платата, без разлика за кој дел од јавниот сектор.



Министерот за јавна администрација претходно рече дека имал средба со претседателот на синдикатот на УПОЗ, на која се договориле во писмена форма да ги достават забелешките за со кои не се согласуваат. Се договориле за нова средба деновиве.

Министерот за јавна администрација Горан Минчев не може да каже дали ќе биде исполнето барањето на вработените во дел од министерствата за 30 отсто додаток на плата. Тој во интервју за ТВ 24 не спори дека платите на вработените во јавната администрација се ниски, но смета дека сумата што тие ја бараат е преголема.

На директно прашање дали вработените во дел од министерствата ќе ги добијат бараните 30 отсто додаток на плата, министерот вели: „Не можам да дадам одговор на тоа прашање. Тоа е предмет на разговор со синдикатите во поширок контекст.

  • Јас сметам дека таа сума е преголема. Факт е дека платите во администрацијата се мали, но постојат две опции – еден колективен договор за сите, но и индивидуални колективни договори за секоја институција посебно“, изјави Минчев во интервју за ТВ 24.

На нивното барање, како што рече, може да се одговори кога ќе се обезбедат средства преку Министерството за финансии. Нагласи дека за ова е потребно време зашто затекнале големи дупки во буџетот од своите претходници и додаде дека проблемите наталожени во изминатите 30 години не може да се решат преку ноќ.

Министерот Горан Минчев последно рече дека сега не може да каже дали ќе биде исполнето барањето на вработените во дел од министерствата за 30% додаток на плата. Тој се согласува дека платите на вработените се ниски, но смета дека сумата што тие ја бараат била преголема.