„Јазикот не го даваме“, „УЧК,, УЧК!“ – со ваквите извикувања од насобраните граѓани беше проследена денес изјавата на потпретседателот на ДУИ Арбен Адеми во моментот кога ја претставуваше иницијативата на ДУИ насловена “Стража за јазикот“, како што кажа, „во вид на протест кон седницата на уставниот суд, кој се очекува да одлучи за некои одредби на законот за јазиците“. Ова го објави инфомативната агенција на албански јазик „Журнал“.
„Го креваме нашиот глас за прашањата, кои ги засегаат темелите на еднаквоста на нашата мултиетничка држава. Ова не е обичен ден, ниту е обичен повик. Денес повеќе од кога било е моментот да останеме обединети, за да го заштитиме тоа што сме го добиле со многу жртвување. На 11 декември Уставниот суд има закажано седница за разгледување на уставноста на Законот за јазици, кој не е само правен чин, туку е и симбол на Охридскиот договор и јазичната еднаквост, вградена во него.“ – посочи Адеми.
Тој рече дека „Европскиот фронт ќе дежура на ‘Стражата за јазикот’ дење и ноќе“. „Стражата за јазикот’ е историска иницијатива, за да се одбрани нашето право на рамноправност и идентитет. Од денес, 8 декември, ќе бидеме овде пред Уставниот суд дење и ноќе, со цел да ги одбраниме нашите права на мирен начин, но и за да се обезбеди дека ниедна одлука нема да го наруши она, што сме го изградиле со многу жртви. Ова не е иницијатива на една политичка партија.“ – изнесе Арбер Адеми од ДУИ.
Тој ги повика „сите граѓани без разлика на етничка припадност, кои веруват во рамноправноста“ да ја поддржат оваа иницијатива. Адеми изнесе тврдење дека „законот за јазиците ќе биде укинат“, додавајќи дека тоа ќе значи „уривање на еден од клучните столбови на Охридскиот договор, а владеачката коалиција без легимитет наместо да се работи за заедничка иднина, разденува и напаѓа“.
Премиерот на Република Македонија Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција соопшти дека со коалицискиот партнер Вреди разговараат за Законот за употреба на јазиците, кој в среда, на 11 декември, е на дневен ред на разгледување од Уставниот суд. Но Мицкоски порача дека никој не треба да интервенира кај Судот за оваа „тековна постапка“. Тој нагласи дека „во среда нема ништо да се случи“, затоа што пред „какво било акција“ на Уставниот суд претходат подготвителни седници. Според него, целта на ДУИ е поделба по етничка основа и дека ќе има такви обиди и во иднина од таа политичка партија.
„Затоа што принципот ‘како до сега’ заврши на 8 мај и тој принцип е поразен. Но, се уште покажува знаци на живот и гледаме дека единствената тема, со која Демократската унија за интеграција е присутна во јавноста, е со цел да направат одредена поделба по етничка основа. Тие ги третираат само етничките прашања, затоа што на друг начин не можат да привлечат внимание, ниту да наметнат тема, ниту да привлечат луѓе, коишто ќе ги поддржуваат. Се обидоа со „зелената агенда“, видовте како завршија, и се вратија сега во опозиција на единствената тема, која што можеби донесува за нив некаков резултат.“ – укажа премиерот Мицкоски на прес-конференција во одговорите на новинарските прашања.





