Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков најави дека инспекции ќе ја чешлаат работата на Агенцијата за филм за која вели дека е во жална состојба,пренесува ТВ Алфа. Тој појаснува дека сомнежите за злоупотреби на народните пари започнуваат во 2018-та, кога се скратил буџетот на Агенцијата, но и натаму, тие трошеле двојно повеќе, за сега оваа институција да е во финансиска бездна од 11 милиони евра.
- „Таму мора да се расплетка клопчето. Едноставно, јас не гледам решение. Не гледам решение ниту во промена на директор, ако состојбата и натаму се влече така. Нас ќе ни треба некое системско решение. Ова не е само проблем на Министерството за култура, ова е проблем и на владата. Ова е владина агенција. Таму ќе ни треба системско решение, расчистување на случајот. Треба да се пратат инспекции.“ – Изјави министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Љутков вели дека во моментов, Агенцијата има склучено договори за четири филмови, кои не може да ги исплати. Ве меѓувреме, преку соопштение во јавноста реагираа и од Друштвото на филмски работници, кои го повикаа министерот да ја откочи „зарибаната“ филмска машина, бидејќи македонскиот филм бил во кал. Реакцијата следи откако годинава ниту еден македонски филм не е кандидиран за Оскар.
- „Погубните деструктивни политики, мотивирани од незнаење, поточно елементарно непознавање на филмската дејност и реваншизмот кон оние кои со години се борат за подобри услови за производство на филм, ја доведоа македонската кинематографија до колопас.“ – Стои во соопштението од Друштво на филмски работници на Македонија.
За незавидната состојба на македонската филмска индустрија, потоната во криминални афери, тие ја обвинуваат поранешната министерка Костадиновска Стојчевска и бараат од институциите да ги расветлат и казнат криминалите кои со години тежат и го влечат македонскиот филм во бездна.
Извор: https://alfa.mk/agenczijata-za-film-vo-finansiska-bezdna-od-11-milioni-evra-ministerot-lutkov-najavuva-deka-inspekczii-ke-gi-cheshlaat-somnezhite-za-kriminal/





