Агелер: Повеќе имиња се под проверка за црната листа на САД, се разгледуваат многу случаи!

„Има многу случаи кои се разгледуваат, тоа е секогаш така и како што ќе напредуваат тогаш нас ќе не информира Вашингтон. Тој процес е во тек. Не сум сигурна кога ќе биде објавено следното име, или имиња, но повеќе имиња се под проверка“, истакна амбасадорката Ангела Агелер во Македонија во синоќешното гостување во ТВ Сител, додавајќи дека не може да прецизира кога ќе биде објавена следната листа со имиња.



Во врска со корупцијата таа укажа дека е тоа рак рана-во општеството, влијаејќи врз сите аспекти на животот во земјава, и оти мора да се соочиме со неа. Според Агелер, корупцијата е застапена не само во судството, туку и во секој аспект на животот овде. „Секаде каде што патувам низ земјата слушам за фрустрацијата на граѓаните од нивото на корупција. Во голем дел зборуваме за добро работење на судството, но корупцијата е во секој аспект на животот овде. Таа е во здравството, образованието и влијае врз граѓаните секој ден.“ – посочи американската амбасадорка.

Во врска со најавите на премиерот Христијан Мицкоски за можно распуштање на двата највисоки правосудни органа Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, Агелер вели дека тоа се одлуки кои треба да се разгледаат внимателно, како и оти постојат препораки и патоказ, даден од експерти на Европската Унија.

„Европската Унија испрати експерти овде да погледнат како може да се реформираат Судскиот совет и другите аспекти на судството. Тие дадоа предлози и препораки и знам дека премиерот ги разгледува. Тоа не се одлуки за брзо донесување, туку тие треба внимателно да се разгледаат, какви се импликациите и резултатите од ваквите одлуки, а потоа да се продолжи на претпазлив и внимателен начин. Премиерот изјави дека  амбасадори се мешаат во внатрешните работи, зборувајќи за реформите во судството и борбата против корупцијата, но искрено се надевам дека тој не мислеше на мене.“ – рече амбасадорката на САД во Македонија Ангела Агелер.