„Бонус за враќање“ од 1.000 евра им понуди денеска австриската конзервативна влада на сириските бегалци кои ќе решат доброволно да се вратат во Сирија по соборувањето на Башар ал Асад, пренесува „Ројтерс“.
Канцеларот Карл Нехамер реагираше брзо по падот на Асад во неделата, велејќи дека безбедносната ситуација во Сирија мора да се преиспита за да се дозволи депортација на сириските бегалци.
Меѓутоа, депортациите против волјата на бегалците ќе бидат можни само откако ќе биде јасно каков курс ќе има Сирија.
Во оваа фаза, австриската влада е фокусирана на доброволно враќање и привремено ја прекина обработката на сириските барања за азил, како што го направија и повеќе европски земји.
„Австрија ќе ги поддржи Сиријците кои сакаат да се вратат во својата татковина со „бонус за враќање“ од 1.000 евра. На земјата сега и треба да се обноват нејзините граѓани“, рече Нехамер во објава на англиски јазик на платформата Х .
Сиријците се најголемата група баратели на азил во Австрија.
Но, не е јасно колку од нив ќе ја прифатат понудата.
Патувањето во Сирија останува скапо, а трошоците за билет во една насока со економска класа до Бејрут го надминува понудениот бонус од 1.000 евра.
Австриските национални авиокомпании ги прекинаа летовите кон Блискиот Исток поради неизвесната ситуација, што дополнително го отежнува патувањето назад.






