Русија ја обвини Австралија за поттикнување „антируска параноја“ поради обвинението за шпионажа на брачен пар роден во Русија, што го натера премиерот Ентони Албанесе во саботата да и каже на Москва „да се повлече“, објави Ројтерс.
„Постојат широко распространети информации за апсењето во Бризбејн на сопружниците Кира и Игор Королев, кои имаат руско и австралиско државјанство, под обвинение за обид за шпионирање за Русија“, се вели во соопштението на руската амбасада во главниот град Канбера за руската агнција РИА.
„Целта на оваа кампања е очигледна – да се подигне нов бран на антируска параноја овде, да се одвлече вниманието на Австралијците од бројните неуспеси на политиките на владејачката Лабуристичка партија“, соопшти амбасадата.
Албанес, зборувајќи пред новинарите во саботата, рече дека Русија треба „да престане да се меша во внатрешните работи на другите суверени нации“.
„Русија може да ја добие пораката, да се повлече. Русија се занимава со шпионажа овде и ширум светот“, рече Албанесе во Бризбејн.
Австралија, која е еден од најголемите донатори на Украина кои не се членки на НАТО од руската инвазија во 2022 година, најави пакет воена помош од 250 милиони австралиски долари (170 милиони американски долари) за Киев во четвртокот на самитот на НАТО во Вашингтон.





