Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж е ослободен од затворот Белмарш, каде што помина 1.901 ден.
Високиот суд во Лондон го ослободи со кауција и тој веќе замина од ОК, објави АФП.
Асанж призна вина за едно кривично дело – заговор за добивање и откривање доверливи документи за американската национална одбрана, за што ќе биде осуден на 62 месеци затвор, што веќе ги одлежа во Велика Британија, поради што од вчера е слободен човек.
Се очекува договорот да биде финализиран денеска во судот на Маријанските Острови, кои се дел од САД.
Асанж помина пет години во затвор во Британија, од каде што се бореше против екстрадицијата во САД.
Од 2010 година, Асанж се соочува со правни предизвици поради објавувањето на доверливи американски документи, а во 2019 година беше уапсен откако Еквадор одби да му го продолжи азилот.
Оттогаш, тој се бореше против екстрадиција, предизвикувајќи глобални дебати за слободата на говорот.
Тој тврдеше дека не може да се потпре на своето право на слобода на говор на судење пред американски суд.
Асанж со австралиско потекло (52) се бореше протива екстрадиција во САД, каде што се бара по 18 обвиненија, речиси сите според Законот за шпионажа, поврзани со објавувањето на доверливи американски документи од страна на Викиликс – најголемото вакво безбедносно нарушување во историјата на американската војска.






