„Дали е толку тешко да се промени Уставот на * Македонија и во него да се дефинира дека таа е мултиетничка држава на два државотворни народа, на македонскиот и албанскиот народ, како и на малцинствата, кои живеат во неа?“ – прашува Етем Џеладини, пензиониран просветен работник од Македонија и долгогогодишен деец за албанската национална кауза, во својата колумна со исто така прашален наслов „Дали е толку тешко да се обезбеди етнички, културен и јазичен идентитет за двата мнозински народа во * Македонија?“. Оваа колумна ја објавија информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА и некои други медиуми на албански јазик во Македонија. Џеладини бара промена на уставот, но, пред се, заради промена и на уставно-правниот статус на Албанците и нивно прогласување како „втор државотворен мнозински народ“ во Македонија, која со уставната промена не би била повеќе унитарна држава, туку би се претворила во „мултиетничка држава на двата државотворни народа, македонскиот и албанскиот“. Овој активист за албанската кауза од порано има „смислено“ и име на таквата „редефинирана држава“, „с.Македонија – Илирида“, кое го има изнесено во август 2021 година во своја колумна, објавена од страна на информативната агенција ИНА, a пренесена во нашиот информативен портал „Експрес.мк“. Тогаш Џеладини „прекрстувајќи“ ја Република Македонија како „с.Македонија-Илирида“, посегнал по „името“ на обликот на политичко територијалната автономија – „Република Илирида“ – за која Албанците „гласале“ на свој „референдум“ во 1992 година. Целта на таквото „гласање“ биле територијално „прекројување“ на македонската држава и создавање „нова државна единица во рамки на Македонија“. Всушност, без да се искаже експлицитно, Етем Џеладини и во својата најнова колумна бара исто такво територијално реорганизирање на Македонија и нејзино уставно редефинирање како „заедница на две државни единици и на два државотворни народа“.
Џеладини во својата најнова колумна истакнува: За сите овие години на владеење на македонските политички субјекти со нивните албански партнери единствен приоритет беше борбата за идентитетот, културниот, етничкиот и јазичниот идентитет на Македонците пред се, но и Албанците, кои го немаа овој проблем пред Охридскиот договор, особено јазичниот идентитет, кој беше изгубен со измената на Уставот од 2002 година, бидејќи албанскиот народ се претвори во „20-процентен народ“, појава што не постои во светот, туку само во * Македонија.
Тоа придонесе досегашните влади, наместо со економскиот развој на државата, образованието, културата, здравството, да се занимаваат со борбата за идентитетот и правата на народот, на кој му припаѓаат тие политички субјекти, особено за време на изборните кампањи. Сега и оваа нова власт презема како обврска и предизвик да се спроведат уставните измени, но откако ќе им се гарантира културниот, етничкиот и јазичниот идентитет на Македонците, пред се, но и на Албанците, променувајќи го називот „20-процентно население“ во албански народ“, бидејќите Турците, Ромите, Бошњаците, Србите го немаат овој проблем.
Па, сега се поставува прашањето: дали е толку тешко да се промени Уставот на * Македонија и во него да се дефинира дека таа е мултиетничка држава на два државотворни народа, на македонскиот и албанскиот народ, како и на малцинствата, кои живеат во неа?
Ако има искрена и добра волја кај партнерите во владината коалиција, овој проблем може да се реши во рок од три до шест месеци, а потоа да им се посветат на ветувањата, што им ги дадоа на граѓаните за економскиот, образовниот и здравствениот развој. Во спротивно ќе се сфати дека продолжува борбата за власта, како и претходните креатори на политиката во изминатите три и пол децении.





