Џафери: Албанскиот јазик не ги загрозува македонскиот и унитарноста

Претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери, во интервју за српскиот весник „Политика“ тврди дека законското издигнување на албанскиот јазик на ниво со македонскиот нема да го наруши унитарниот карактер на државата.



„Прашањето за регулирањето на употребата на јазикот е јасно дефинирано во амандманот 5 на Уставот на Република Македонија. Иако дефиницијата е јасна, повторно во одредени околности има тенденција да се толкува во зависност од интересите на одредени страни. За да се избегне каква било можност за влијание врз толкувањето, потребно е прецизно дефинирање на ова прашање. Таа улога ја има Законот за употреба на јазиците. Точно е дека со новиот предлог-закон е можно да се водат и пленарните седници на Собранието на албански јазик. Но, вредноста на македонскиот јазик или на другите јазици што се зборуваат во Македонија нема да се намали, а уште помалку унитарниот карактер на државата“, изјави Џафери.