Ќучуков: До 1912 имаме иста историја, потоа двете страни имале исти цели

Еден од авторите и иницијаторите за потпишување на на договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Македонија вели дека договорот кој што в понеделник во Скопје ќе го потпишат премиерите Бојко Борисов и Зоран Заев бил предмет на преговори од 2008 година но дека во најголем дел е прифатен во формата која што ја предложила и на која инсистирала бугарската страна.



Според Љубомир Ќучуков кој од 2005 до 2009 бил заменик бугарски министер за надворешни работи смета дека со договорот ќе се затворат историските прашања кои што се најспорни меѓу двете земји.

Ќучуков  заедно со екс амбасадорот на Бугарија во Скопје, генералот Михо Михов, е автор на договорот.

Според него со договорот треба да се признае дека до отоманското владеење на Балканот двете земји односно народот кој што живеел на двете страни од границата има една заедничка историја а дека потоа народот (во Бугарија и Македонија) имал заедничка цел.

Дипломатот не кажува за бугарските медиуми која е таа цел но споменувајќи го терминот Македонизам јасно е дека зборува за старата бугарска теза за „Еден народ поделен во две држави“.

Екс заменик министерот не крие дека со договорот Македонија се откажува од македонско малцинство во Бугарија и тврди дека воопшто не станува збор за ОМО Илинден Пирин затоа што според него оваа организација веќе не е опасна за Бугарија а од пред 7 години таа нема подршка ниту од Советот на Европа.

Според Ќучуков не може да се очекува од први август владата во Скопје да го затвори секој што ќе ја критикува Бугарија но се обврзува да ги обесхрабри сите што ќе водат говор на омраза кон Софија. Од друга страна и Бугарија нема да одговара на сите провокации од Скопје затоа што со тоа ќе развива скандали кои што му одговараат на Македонизмот. Договорот е штетен за македонизмот, тврди бугарскиот дипломат.

Според бугарските позиции Македонизам е дефиниција за измислен народ во вештачка држава со фалсификувана историја, кој лажно се претставува како нација различна од бугарската.