„Македонското Име сведочи за древноста и за препознатливоста на македонскиот идентитет. Токму тие слоеви го прават македонскиот идентитет отпорен на многубројните политички искушенија својствени за поновата историја на Балканот и за модерна Европа. Токму тие слоеви го создаваат духовниот печат на македонскиот народ низ вековите.“ – нагласи академик Катица Ќулафкова од Македонската академија на науки и уметности – МАНУ во својата реч на семакедонскиот народен собир на Илинден, 2 август 2024 година во предворје на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во потпелистерското село Трново, Битолско.
Во речта, која ја објави весникот „Нова Македонија“ под наслов „Илинден е семакедонско ‘Свето тројство“, покрај другото Ќулафкова истакна: Нашиот јужен сосед, кога ја формирал својата национална држава точно пред два века имал слобода да го избира својот идентитет. Првата грчка независна Република со Уставот од мај 1827 го одбира грчкиот, а не македонскиот идентитет како свој. Со тоа таа го има исцрпено своето право на самоопределување. Тие ги користеле и историските имиња – Хелени, Ромеи, но никогаш Македонци. За неа Македонците беа и се „Славо-Македонци“. Затоа симптоматично е зошто грчкиот идентитет денес се реинтерпретира заедно со македонскиот. Во 2017-та Грција го презеде македонскиот наратив како свој.
Македонската самосвест деновиве доживува преродба во Егејска Македонија. Таа преродба се одвива преку народната култура, преку музиката и танцот, преку медиумската социјализација на Македонците секаде каде што живеат, во соседството и низ светот. Чувството на припадност не може да се ограничи во современи услови на комуникација. Македонците се враќаат во Егејска Македонија. Купуваат имоти, престојуваат на Бело Море, се сплотуваат со природниот амбиент. Сепак, загрижуваат забраните за влез на етничките Македонци во Грција, кои не се знак на добрососедство. Неопходна е добра волја, за да се надминат историските предрасуди и последиците од серијата проблематични договори, зад коишто застана македонското Собрание.
Македонија е територија, но и народ, држава, но и регион. Сè додека трае нејзиното име ќе трае и името на народот. Македонците си одат, затоа треба да се вратат. А ќе се вратат кога Македонија ќе биде просперитетна држава и кога меѓународните институции ќе ѝ ги признаат неотповикливо правата, кои ѝ следуваат според универзалните конвенции. Тоа е услов, без којшто не е можна успешна македонска приказна. Македонија има право на успех. Македонците имаат право на среќа.
Илинденското востание е трагична кулминација на идејата дека Македонија треба да биде обединета и самостојна, но и чин на политичка легитимација на македонската национална кауза. Вториот Илинден, оној на АСНОМ 1944, ѝ дава републикански легитимитет на македонската кауза. Но Илинден е и ден на вера и визија. Народната мудрост укажува дека по облаците светнува Сонце. За нас, Македонците, Сонцето е симбол на македонското културно, историско, митско, верско и црковно минато. Во Македонија, каде што секој етницитет има право на свое етничко знаме, и Македонците имаат право да го користат своето етничко знаме со шеснаесетзрачното Сонце.
Илинден е семакедонско „Свето тројство“, затоа што поврзува неколку слоја на колективната меморија на Македонците: митскиот, христијанскиот, историскиот, политичкиот и културниот слој. Токму одразот на тие слоеви во македонското Име сведочи за древноста и за препознатливоста на македонскиот идентитет. Токму тие слоеви го прават македонскиот идентитет отпорен на многубројните политички искушенија својствени за поновата историја на Балканот и за модерна Европа. Токму тие слоеви го создаваат духовниот печат на македонскиот народ низ вековите.
Токму тие слоеви покажуваат дека идентитетот ја задржува својата суштина и кога се приспособува на сплетот на новите општествени околности. Токму затоа го имаме богатото јазично, ритуално и фолклорно наследство во сите облици на народната култура и уметност: книжевноста, музиката, танцот, песната, везот, резбата, вајарството, фрескописот, иконописот, сликарството, писменоста… Ако го лишиме од еден од овие слоеви, значи дека сме го лишиле македонството од неговата суштина.
Можеби поради тоа е зачната приказната на постојаното бришење и ревидирање на македонскиот наследен етнокултурен идентитет. Таа приказна ја поттикнува колонијалниот ум на европските народи, кои се стремат да бидат најстари, најголеми, највлијателни, а всушност посегаат по туѓиот имот: туѓа територија, туѓа популација, туѓа историја, туѓо наследство, туѓо име… Таа приказна се одвивала под геслото: хеленизација, бугаризација, србизација, патријаршисти и егзархисти, Македонци-христијани и Македонци-муслимани,
Home Македонија Ќулафкова: Грците беа Хелени, Ромеи, но никогаш Македонци, а наспроти нив Македонското...





