„Бујар Османи го одржуваше во живот и силно го претставуваше великосрпскиот проект ‘Отворен Балкан’. Како поранешен албански министер за надворешни работи на * Македонија тој изнесуваше политички и официјален став дека ‘идентитетот, македонскиот јазик се црвените линии како за Македонците, така и за нас, Албанците, и оти се тоа црвените линии, за кои никој нема право да преговара.“ – објави на својот фејсбук-профил Беким Ќоку, пратеник во Собранието одредовите на коалицијата Вреди. Неговата објава ја пренесе информативниот портал на албански јазик „Национале“ од Приштина. Инаку, Беким Ќоку е и политички советник за Македонија на косовскиот премиер Албин Курти, како и официјален претставник за Македонија на владејачката косовска партија Ветвендосје (Самоопределување), чиј лидер е Курти.
На фејсбук натаму Ќоку истакнува: „Бујар Османи ја фаворизираше Србија со предлогот од девет точки како претседавач на ОБСЕ. Тој ја посети двапати Украина, а никогаш Косово, кое беше нападнато од бандите и терористите на Радоичиќ. Османи не зазеде никаков официјален став ниту како министер за надворешни работи, ниту како претседавач со ОБСЕ во врска со терористичкиот напад во Бањска, Косово, оркестриран и организиран од српската држава.“
„Еве неколку политички и официјални ставови на поранешниот албански министер за надворешни работи на * Македонија Бујар Османи: – ‘Идентитетот, македонскиот јазик се црвените линии како за Македонците, така и за нас, Албанците. Ова се црвените линии и никој нема право да преговара за ова.’; – ‘Јас зазедов став против Косово како меѓународен претставник, а не како Албанец.’; – ‘Како што Македонија задржуваше погрешен став кон Грција, така и Косово денес одржува погрешен став кон Србија.’; – ‘Заради некои глобални интереси во целина, ние ќе треба да се откажеме од националните прашања.“





