Од Управата за извршување на санкции соопштија дека од понеделник затворите ќе почнат со дистибуција на досиејата на осудените лица до судовите, од кои ќе зависи и брзината на излегување на опфатените со Законот за амнестија донесен пред десетина дена.
Решенијата нема да се доставуваат по пошта, велат од Управата за да не се губи време, а станува збор за околу 800 лица кои ќе бидат опфатени со амнестијата, пренесе МИА.
„Како што судовите ќе изготвуаат решенија, така тие треба да се достават до затворите, да се потпишат и да се вратат назад. Значи, брзината на излегување зависи од судот. До понеделник се ќе биде доставено до судовите во целата Република“, додаваат од Управата, пренесува ТВ21.
Пратениците на 15 јануари го изгласаа и Законот за амнестија кој предвидува давање можност за ресоцијализација за осудените лица.
По стапувањето во сила на Законот, за кој 58 пратеници гласа „за”, еден беше „воздржан” и ниту еден „против”, треба да бидат ослободени од издржување казна затвор околу 800 правосилно осудени лица на затвор до шест месеци.
На други 3.097 лица затворската казна ќе им биде намалена за една третина, попрецизно за 30 отсто.
Законот не предвидува амнестија за лица правосилно осудени на казна доживотен затвор, како и за сторители на кривично дело убиство, кривични дела против избори и гласање, кривични дела против половата слобода и половиот морал како и за кривични дела против човечноста и меѓународното право.





