Групацијата за живинарство при Стопанската комора ги информира граѓаните дека македонскиот пазар е стабилен и снабден во доволни количини квалитетни и безбедни конзумни јајца.
Како што информираат од Стопанската комора, како традиционален производ кој е дел од Велигденските обичаи, јајцата се достапни во доволни количини во трговските мрежи, пазари и фармерски продавници.
Во просториите на Комората вчера се одржала работна средба помеѓу компаниите од овој сектор, членки на Комората и претставници на ресорното министерство предводени од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
„Најголемите производители и извозници на јајца најавија активна соработка со дистрибутерите и трговците со цел да се задоволи зголемената побарувачка во овој период од годината, а притоа цените да останат на конкурентно ниво, во согласност со пазарните трендови. Ресорното министерство и надлежните институции ги следат состојбите и се подготвени да преземат мерки доколку се јави потреба од дополнителна стабилизација“, велат од Комората.






