Али Ахмети изгледа се обидува да се промовира во неисцрпен извор на политичко творештво и во категоријата „село гори, баба се чешла“. Така јас го доживеав неговиот настап при промоцијата на Бујар Османи за претседателски кандидат на ДУИ.
Сега, кога се соочуваме со сериозна општествена и политичка криза, во едно нестабилно регионално и глобално опкружување, во време кога илјадници граѓани на Македонија буквално се евакуираат од својата татковина и бегаат во белиот свет во потрага по каква-таква иднина, Ахмети смислува нови институционални решенија кои ќе ѝ овозможат на ДУИ да продолжи да газдува во Македонија.
Најновиот хит на Ахмети е предлогот парламентот со двотретинско мнозинство да избира и претседател на Македонија и заменик претседател.
Интересно е дека идејата шефот на државата да се избира во парламентот, а не на општи и непосредни избори, прв ја промовираше Арбен Таравари, претседателскиот кандидат на албанската опозиција. Дали Ахмети се „закачи“ на предлогот на Таравари и го надгради и прошири за да ги анимира албанските избирачи, или планот на Мала Речица има и друга димензија?
Има, има…
Како што знаеме, ДУИ веќе подолго време го негува култот на личноста на Али Ахмети, ширејќи го наративот за креативноста на некогашниот командат на ОНА и за неговата мудрост што просто кипе, а од која наводно се импресионирани и западните амбасади во Скопје и сите дипломати кои се занимаваат со „случајот Македонија“.
Можно е сето тоа да е и така, не велам не. Но, да се помисли дека вештината и мудроста на Ахмети се тајната на успехот на ДУИ во последниве две години практично целосно да завладее во извршната власт и да ги наметнува клучните владини одлуки, сепак е погрешно. Имаат за тоа заслуги и Ахмети и Артан Груби, не спорам, но најголема „заслуга“ имаат СДСМ и претседателот Димитар Ковачевски. Свесни дека за некои од политичките одлуки што ги донесоа спротивно на волјата на македонските граѓани ќе бидат казнети на првите претстојни избори (сега, во април и мај), другарчињата од Бихаќка едноставно кренаа раце и им го предадоа кормилото на Ахмети, на Груби, на Бујар Османи и на Талат Џафери.
Како и да е, Ахмети изгледа се убедил дека ако Груби, од позицијата на „прв вицепремиер“, можел да ведри и да облачи на Илинденска бб, истото ќе може да го прави и идниот заменик претседател на државата, Албанец, ако е избран од парламентот – тој да шефува наместо избраниот шеф Македонец, тој да биде калиф наместо калифот.
Псе? Што од тоа, дури и да биде така? Помалку Албанци ќе ги напуштаат родните огништа?
Проблемот на планот на Ахмети е во тоа што тој има и навидум странични, а всушност главни цели. Имено, за изведбата на овој план, лидерот на ДУИ смета само на СДСМ и на речиси пропаднатиот самонаречен „фронт за Европа“. Првакот од Мала Речица јавно даде беса дека ДУИ нема да биде дел од влада која нема да го промени Уставот, за да ги внесе Бугарите во него. Така, на еден необичен начин, со една чудна емпатија, Ахмети врз себе го презеде очајот на лузерите од Бихаќка, обидувајќи се извесниот пораз на социјалдемократите да го маскира во некаква маченичка поза на луѓе кои овде, во малата натовска Македонија, водат некаква си нерамна битка „за Европа“, а „против Русија“.
Не ми е јасно, се пали ли некој на вакви евтини приказни? Прашувам, бидејќи јас не познавам таков…
Просто не можам да поверувам дека ова го слушам од човек со кој сум водел многу сериозни разговори за политичките процеси и кој никогаш не ми оставил впечаток на некој што не умее да собере два и два.
Зарем толку ли страста за власт може да ја измести перцепцијата на луѓето дури и за она што е очигледно?
Замислете, мудриот и вешт Али Ахмети не може да се помири со извесниот тежок пораз на СДСМ на овие избори. Пораз кој нема да биде последица ни на „рускиот свет“, ни на „српскиот свет“, ни на „хибридните закани“ и слично, туку, едноставно, на лошото владеење, на корупцијата, на фактот дека оваа влада зад себе нема да остави ни 1 (и со букви: еден) метар асфалтиран автопат!
А бре Путин лично да дојде во Македонија и да им се предаде на Таче и на Славјанка, СДСМ пак ќе ги изгуби изборите!
Не сфаќам, како тоа Ахмети не може да види дека единствениот начин евентуално да се оствари неговиот план во иднина претседателот и заменик претседателот на државата да се избираат во парламентот со двотретинско мнозинство, е да постигне политички договор со сите релевантни политички партии коишто ќе освојат пратенички мандати на 8 мај.
Па толку ли не може човекот да пресмета дека нема да има двотретинско мнозинство за овој предлог без гласовите на пратениците на победничката ВМРО-ДПМНЕ, како и без гласовите на пратениците на Левица и на ЗНАМ?
Па дали не му е јасно дека и во сегашниот мандат на парламентот, не постоеше практична можност СДСМ и сите албански политички партии заедно да усвојуваат одлуки со двотретинско мнозинтсво? Да можеа, уставните измени за Бугарите веќе ќе беа усвоени. Нема што не сторија Таче и Ахмети за да стокмат такво мнозинство – историјата ќе покаже какви дилови се правени, што и кому е нудено и на чија поддршка се сметало. И пак ништо!
Не може ли вештиот Ахмети уште сега да пресмета дека после претстојните избори ќе пропадне и шансата СДСМ, здружен со сите албански партии заедно, да стаса до мнозинство од 61 пратеник, што би му овозможило да остане на власт? Настрана фактот што албанските партии не се единствени и дека не се сите спремни да се стават под команда на Ахмети. Настрана и тоа што СДСМ во една таква малцинска влада би бил само измеќар и генератор на политичка и безбедносна криза во земјата. Едноставно, таа комбинација ќе пропадне по силата на постизборната аритметика.
И како тогаш ќе се изгласа едно темелно преуредување на Уставот, какво што заговараат Ахмети и Таравари?
Кој ќе гласа за уставно преуредена Македонија без шеф на држава со мандат од народот, со двајца октроирани и контролирани партиски послушници што ќе глумат „англиски кралици“?
Целата колумна на Бранко Героски за Плусинфо на следниот линк:





