Љуљзим Алити од АА на Таравари ја отфрли неговата соработка со „криминализираните Ахмети и ДУИ“ и ги повика и другите активисти на АА да го сторат тоа!

„Напуштањето на Владата, заради здружување со ДУИ, не е политички компромис, туку предавство на стремежите на Албанците за промени. Пазарењето за идната коалиција меѓу Алијансата на Арбен Таравари и ДУИ на Али Ахмети е јавна тајна. Нема никакво оправдување за соработка со нереформираната ДУИ. Не можеш да реформираш структура, која ги деградирала сите вредности на претставувањето на Албанците. Соработката со ДУИ денес значи амнестија на корупцијата, легализирање на заробувањето на институциите, затворање очи пред сиромаштијата во албанските региони и молчење пред неправдата.“ – со оваа остра реакција се огласи Љуљзим Алити од Куманово, член на Централното претседателство на Алијансата за Албанците на својот сопартиец Арбен Таравари, јавно отфрлајќи ја неговата соработка со ДУИ и нејзиниот лидер Али Ахмети. Алити се дистанцираше од Таравари и неговите истомисленици преку фејсбук, но неговата објава ја пренесоа и весникот „Лајм“ и други медиуми на албански јазик во Македонија.



Преку општествената мрежа и медиумите Љуљзим Алити натаму порача: „Албанците бараа промени, а не срамно повторување на грешките од минатото, не пазарење со оние, кои го нарушија достоинството на Албанците за лична корист. Како член на Централното претседателство на Алијансата за Албанците јас ќе го продолжам нашиот праведен пат: против корупцијата и за целосно откривање на убиствата на командантите и на политички монтираните случаи!“

„Ги повикувам сите искрени активисти на Алијансата за Албанците да останат на овој пат. Да ја продолжиме заедно политичката битка за промени, за  да не се повторат никогаш неправдите и злосторствата, што нè следат со години од луѓе на црни листи, од корумпирани и криминализирани луѓе!“