„Појаснувам дека не се работи за назначување вршител на должноста виш јавен обвинител, туку за определување на времен раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје. Според тоа, ве уверувам дека моето постапување во овој случај, како и во целокупното мое работење, е согласно закон, а со цел овозможување на непречено и законито функционирање на јавното обвинителство и заштита на јавниот интерес“.
Вака републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски ја оправдува незаконската одлука на Советот за јавни обвинители за „преземање на функцијата“ шеф на Вишото јавно обвинителство од суспендираниот Мустафа Хајрулахи. Во сите вчерашни извештаи во медиумите се зборува за новата обвинителка која „ќе раководи“ со ВЈО Скопје до завршувањето на постапката против Хајрулахи.
Како јавен обвинител, Љупчо Коцевски би требало да го знае Законот за јавно обвинителство наизуст. Во тој закон се регулираат начинот на избор и разрешување на јавните обвинители и сите други битни статусни прашања на носителите на оваа одговорна функција.
За жал, Коцевски или не го научил Законот, или можеби има причини поради кои измислува некакви нови толкувања на законските одредби, за да оправда една скандалозна незаконска одлука.
И бидејќи човек се учи дури е жив, нели, би сакал уште еднаш да му појаснам на обвинителот Коцевски што вели Законот.
Во членот 25 став 3 јасно и прецизно пишува: „Ако на јавниот обвинител на јавното обвинителство му е истечен мандатот, му престанала функцијата или е разрешен, Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија со одлука донесена од мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот, определува јавен обвинител од редот на јавните обвинители во тоа јавно обвинителство, кој ќе ја врши должноста до изборот на јавен обвинител во тоа јавно обвинителство, а ги исполнува условите за јавен обвинител на тоа обвинителство, но не подолго од шест месеци“.
На обвинителот Хајрулахи мандатот не му е истечен. Тој не е разрешен. И не му престанала функцијата по сила на Законот. Според тоа, не постои законски основ Советот за јавни обвинители да определи друг јавен обвинител да ја врши должноста до изборот на нов јавен обвинител.
Како што детално објаснив и во мојот вчерашен напис на оваа тема, во случајот на Хајрулахи, евентуално можело да се примени членот 25 став 2 од Законот, кој вели: „Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, вишиот јавен обвинител на вишо јавно обвинителство, основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и основниот јавен обвинител на основно јавно обвинителство за време на нивно отсуство ги заменува јавен обвинител од тоа обвинителство, што тие ќе го определат со годишниот распоред за работа“.
Законот прецизно кажува дека определувањето обвинител кој ќе го заменува Хајрулахи за време на неговото отсуство е негов прерогатив. Тоа не е надлежност на републичкиот јавен обвинител, а најмалку на Советот на јавни обвинители.
Таква одлука веќе е донесена. Во годишните распореди на скопското Вишо јавно обвинителство за 2024 и за 2025 година (колку што знам, неоспорени од никого), отсутниот Хајрулахи го менуваат двајца обвинители од ова обвинителство – Јован Цветановски и Наташа Гоџовска. По суспендирањето на Цветановски, ова обвинителство и понатаму си има легитимен обвинител кој го менува шефот додека тој отсуствува – тоа е Наташа Гоџовска.
Ниту имало потреба, а ниту разумни причини, републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски и Советот за јавни обвинители да измислуваат нови толкувања на Законот за јавно обвинителство и да бараат начин како да востоличат некој нов шеф на ова обвинителство. Кој, според Коцевски, ќе да ти бил само „времен раководител“?!
Законот за јавно обвинителство не познава нешто што се нарекува „преземање на функцијата“. Постои разрешување, постои престанок на функцијата, но не и „преземање“. Тоа е глупава измислица.
Никаде во Законот не постои функција што се нарекува „времен раководител“ на јавно обвинителство. Тоа е уште поглупава измислица.
Со вакви измислици, обвинителот Коцевски наумил да ги оправда бруталното кршење на Законот за јавно обвинителство. Небаре сите во оваа земја сме неписмени и недоветни, па не умееме да го прочитаме и да го разбереме овој закон.
Се надевам дека сите ќе се согласиме дека републички јавен обвинител на оваа земја може да биде само добро едуциран правник. Некој што го завршил Правниот факултет во редовниот рок од 4 години, по можност со просек над 8,00. Тоа е мојот основен критериум. Да не претерувам? Може ли да претпоставам дека Љупчо Коцевски ги исполнува тие критериуми?
Смеам ли да речам дека како образован правник, тој мора да ги знае сите одредби и сите нијанси на Кривичниот законик, на Законот за кривична постапка, на Законот за јавно обвинителство, на Законот за јавнообвинителска служба и по можност уште некој закон, плус две-три стихотворби од македонски автори како факултативна обврска?
Претседател на куќен совет можеби може да си дозволи своите одлуки да ги толкува без повикување и цитирање на конкретни законски одредби, а потоа да ги убедува комшиите дека работи во интерес на зградата или селото, а „сè со цел да овозможи непречено функционирање“ на лифтовите или на селските терени за голф, на пример.
Но, таквото постапување на еден јавен обвинител, згора и најглавен, е недозволено.
Па зошто тогаш нашиот „руководеќи кадар“ во Јавното обвинителство нè матуфи во стилот на Шојиќ?
Целата колумна на Бранко Героски за Плусинфо на следниот линк:





