Во емисија за бугарската национална телевизија БНТ, поранешниот премиер на Македонија Љубчо Георгиевски признал дека не ги разбирал антибугарските расположенија по неговото заминување од партијата ВМРО-ДПМНЕ на која тој бил претседател, пренесуваат бугарски медиуми.



Според него, во раководството на партијата имало неколку лица, кои не само што се декларирале како големи пријатели на Бугарија, туку, наводно, и се „самоопределиле како Бугари“. Тој обвини дека причините на тоа антибугарско расположение можеби е поради тоа што сакале да се додворат на некои пројугословнски структури.

Околу прашањето за признавањето на Македонската црква тој вели дека одлуката на бугарскиот Свети Синод бил добар прв чекор, но посака и конкретна завршица.

Георгиевски рече дека според него, Договорот за добрососедство „ги отвора вратите кои долго време биле затворени“. Тој смета дека од неговото повлекување во 2002, односите меѓу Бугарија и Македонија биле „малку замрзнати”, делумно и поради војната, веројатно мислејки на настаните во 2001 година.

Тој призна дека заедничките моменти во бугарската и македонската историја му се нејасни и побара двете страни да се свртат кон иднината а не кон минатото.

Георгиевски шеговито додаде, како што пренесуваат бугарски медиуми, дека стравува да дискутира за тоа во Бугарија, за да не го прогласеле за предавник во Македонија.

Тој се заложи за поблиски економски и културни односи со Бугарија, како на пример отворање на нови гранични премини и емитување на бугарски телевизии во Македонија.