Јубилеи – Културна автономија на Македонците во Бугарија

Македонците во Бугарија денешниот ден го прославуваат како првиот датум кога започна да се имплементира културната автономија на Пиринска Македонија.



По договорот меѓу Тито – Димитров со посредство на Коминтерната централниот пленум на Бугарската Комунистичка Парија БКП на 9 август 1946 година усвојува резолуција за давање на културна автономија на Пиринска Македонија а веќе од 10-ти август таа започнала да се спроведува.

Согласно резолуцијата Македонците во овој дел од Бугарија имале право да учат на мајчин јазик, имале свои културни институции а од Македонија во пиринскиот крај пристигнале голем број на културни работници и учители кои што на македонски јазик ги учеле децата во училиштата.

Овој дел во Бугарската историја сега се нарекува „Македонизација“ и национално предавство кое довело до создавање на лажно македонско национално чувство и фалсификувана национална припадност.

Според бугарскиот државен попис спроведен во 1945 година во Бугарија имало 160 илјади етнички Македонци а на пописот од 1956 година нивниот број се зголемил на 178, 862 граѓани коишто засебе сметале дека се Македонци според национална припадност.

Културната автономија на Македонците во Пиринскиот крај на Бугарија започнува да запира по конфликтот меѓу Тито со Димитров и Сталин и резолуцијата на Информбирото по што БКП ја изоставува својата резолуција од 1946 од официјалните документи и започнува процесот на бугаризација на Македоцните во Пирин.

Со мерки на владата во Софија започнува укинување на сите училишта на македонски јазик и на сите институции кои што го користеле истиот.

Според пописот од 2011 година во Бугарија живеат 1645 Македонци и тие немаат статус на национално малцинство затоа што најголем дел од нив се македонски државјани кои што престојуваат во соседната држава. Се разбира Бугарските власти молчат за манипулациите со регистрирањето на Македонците кои што во неколку наврати собраа над 500 потписи за регистгрирање на политичка партија која што не е дозволена во оваа земја.

Официјално БКП се до своето распаѓање во 1990 година никогаш официјално не ја повлекла својата резолуција за „Народната Културна автономија на Пиринска Македонија, но таа не беше спроведувана од Бугарската држава по 1949 година.