Бугарската потпретседателка Илијана Јотова изнесе куп критики и забелешки за Македонија на средбата со специјалниот претставник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин, повторувајќи ја „цврстата консензуална позиција“ на нејзината земја во врска со евроинтеграцијата на југозападниот сосед.



„Очекуваме Скопје да го исполни договореното во 2022 година со Францускиот предлог, одобрен од сите земји-членки на ЕУ и од Северна Македонија“, рече таа, посочувајќи дека очекува вклучување на Бугарите во Уставот, реални резултати од активностите на Историската комисија, мерки за спречување на ширењето антибугарска идеологија и злосторства од омраза, на дискриминацијата на луѓето кои се идентификуваат како Бугари, на говорот на омраза кон Бугарите и против Бугарија“.

„Досега ништо не е постигнато, нема ниту предлог за текст на уставните измени. Дополнително, Скопје ги запира заедничките билатерални и европски проекти“, се пожали заменичката на претседателот Румен Радев, давајќи ја како пример активноста за изградба на Коридорот 8.

Јотова инсистира дека Бугарија не бара дополнителни услови од Македонија, туку само остварување на договореното.