Бугарската потпретседателка Илијана Јотова во интервју за софискиот весник „Труд“ ги изнесе своите впечатоци од неодамнешната посета на Македонија.
„Тоа беше една од моите најемотивни посети и највозбудливи средби со бугарски заедници зад границата. Клучниот збор беше надежта. Надежта дека атмосферата во Македонија ќе се промени и политиката на македонските власти кон нив. Ми раскажаа потресни работи за млади луѓе што завршиле бугарски факултети, но бугарската диплома била основа за отказ од државна работа во Република Македонија. Според нашите сонародници, 2017 година ќе биде запишана во учебниците, како во Бугарија, така и во Македонија, како година на голем пробив во односите меѓу двете држави. Потпишувањето на договорот за добрососедство, размената на посети и средби на највисоко ниво, заедничките седници на владите, вклучувајќи ја и нашата работна средба со премиерот и со претседателот на македонскиот Парламент, се знаци што луѓето ги оценуваат и ги прифаќаат. Тоа најдобро го кажа една млада девојка: ‘Јас не сакам да читам повеќе за минатото. Ја знам историјата, но сакам со моите врсници од другата страна на границата да имам заеднички проекти, заеднички бизнис. Сакам да живеам во мојата земја и да ја градам мојата иднина со моите бугарски колеги и врсници’“, изјави Јотова.
Заменичката на бугарскиот претседател Румен Радев најави промени во три закони заради забрзување на процедурата за добивање бугарско државјанство.
„Јасно е дека од македонска страна не можат да се бараат документи што црно на бело ќе го докажат бугарското потекло поради тешките моменти во нашата заедничка историја, како што се вели на дипломатски јазик“, вели таа и додава дека често од барателите се слуша дека „Бугарија не ги сака за свои граѓани“ поради долгата процедура, докажувајќи го тоа со закажувањето за интервју во Министерството за правда отсега за крајот на 2018 година.
Јотова го повтори податокот изнесен при посетата на Скопје дека од јануари годинава околу 1.100 македонски граѓани добиле бугарско државјанство, а од 2001 година наваму над 70.000, но немаат статистика каде се тие во моментов.






